Каде ќе живее Пандев, какви планови има со Академија Пандев и што би работел?

Смирен, спокоен, задоволен од тоа како помина, речиси блескав. Без зборови со отров за никого, само благодарности. Великанот се збогува со играње фудбал, а тоа го прави со лесно срце.

Горан Пандев за прв пат во животот откако ја почна кариерата истера раат лето без фудбал, со кој и дефинитивно раскрстува играчки после авантурата со Парма во Серија Б.

Се впуштил во заслужено уживање, без да мисли на неговата омилена игра, му се посветил на семејството (има три деца), ставил некое кило плус и нема повеќе желба да игра.

Се наоѓа во Џенова, неговиот дом во последните 8 години, а на прoфилот на Whatsapp уште му стои слика од момците во црвено сина боја. Ви го пренесуваме цело интервју кое го даде за Газета дело спорт.

Горан и официјално се повлекуваш од фудбалот?

Да, веќе можеме слободно да го кажеме тоа. Имав таква идеја веќе откако ми заврши сезоната во Парма. Потоа цело лето повеќе не размислував за фудбал, а кога тоа ќе се случи, се опушташ, јадеш, тренираш малку. Не ми доаѓа на памет да почнав пак со подготовки. По минатогодишната сезона во Серија Б, без плеј-оф и плеј-аут, не направив ништо неколку месеци, а на 39 станува уште потешко, се мачиш.

Сега какви ти се плановите за новиот живот?

Сега живеам овде во Џенова, фиксно. Децата одат на училиште, за 8 години стекнаа пријателства. Деновиве имав некои обврски во Милано, а таму сте за час и половина, сè е добро поврзано. Супер е тука: клима, море, а убаво е и за мали деца. За иднината сè уште немам планови, сакам малку да одморам и да бидам со моето семејство, 20 години далеку од дома се премногу. Потоа ќе видиме, секако нешто во фудбалот, бидејќи не знам да работам друго.

Твоето патување со фудбалот беше лудо, од каде сакаш да започнете?

Не знам, сè уште можев да играм, ама повеќе немам желба.

Да почнеме од крајот: Парма.

Веројатно требаше да се повлечам порано. Не сакав да одам во Парма и плус подоцна не можев да играм поради повреди, но добро.

Не сакаше да одиш? Што се случи, те испратија?

Малку. Никој не ме принуди да одам, како што никој не побара да останам во Џенова.

Поглавје Џенова: тука најде нов дом.

Тука дојдов после Галатасарај и во првите месеци се мачев бидејќи не играв толку многу во Турција поради некои повреди. Тогаш тренер беше Гасперини, кој те тера да трчаш. После 6-7 месеци се вратив во форма и знаев дека ова ќе биде вистинското место бидејќи Мараси секогаш ме мотивираше. Беше убаво и кога доаѓав како противник. Сфатив дека треба да направам нешто добро затоа што овие луѓе тоа го заслужуваат. Треба да ги забавуваш, бидејќи вакви трибини нема на сите стадиони. За 8 години отсекогаш почнував како четврти напаѓач, му велев на Прециози дека не ми верува, но на крајот ако бев добар, играв секогаш јас. Тој ми одговори: Не треба многу да се буниш, треба да играат младите. А пак кога бевме на маки, играв јас. Се забавував. Работите можеа да одат подобро, но испаѓањето од лига беше исправно. Имаше слаб квалитет, а тие што требаше да помогнат, не помагаа. Ако на Мараси немаш карактер, ќе се мачиш.

Гасперини?

Ми се допаѓа многу како тренер, има идеи, знае што да направи за да играш добро, на памет знаеш што треба да правиш, исто како со Јуриќ. Го знам добро Гасперини, бидејќи ми беше малку тренер и тука и во Интер. Единствената работа е што една година може да дадеш 30 гола, а следната да не бидеш ниту стартер. Таков е. Се адаптирав со сите тренери, вклучувајќи го и него. Знаеше да ме игра и како шпиц, а тоа не ми се допаѓаше.

Галатасарај?

Бевме 12 странци, а можеа да играат максимум 5. Играв во ЛШ, ама не можев да имам континуитет, а така станува тешко. Прво тренер беше Прандели, а потоа Турчинот Хамзаоглу. Беше безредие, но сепак на крајот добро се заврши, бидејќи го освоивме првенството и Купот.

Во Галатарасај замина откако играше во Наполи.

Таму ми беше многу добро, па дури ме направија и жител на Неапол. Добро поминав со Наполи, освоивме два пати Куп на Италија, завршивме втори во првенство и игравме во ЛШ. Бев во тимот кој освои 12 бода, но не елиминираа како трети во група. Луда работа, неверојатна. Сепак бевме силен тим, кој знаеше да ја забавува публиката. Мацари не тренираше јако, сакаше напаѓачки фудбал. Играа имиња како Лавеци и Кавани кои беа многу јаки. Сега Мацари е во пензија како мене.

Пред Наполи се случи Интер и тројната круна.

Бев тргнат од тимот на Лацио и 6 месеци немав одиграно ниту еден натпревар. Не можев ниту да тренирам со играчите. Сè поради проблем со договорот. Не се договоривме со Лотито и така ме исклучи. Потоа бевме на суд и јас го победив, па така во јануари бев слободен играч и отидов во Интер. Чуден е фудбалот, ти тргнува годината лошо, не играш и не знаеш што ќе се случува, а на крајот освојуваш тројна круна. Таму играа Милито, Ето, Снајдер, луда екипа. И за нешто да не се сложиш, на терен мора да му помогнеш на својот соиграч.

Лацио?

Жал ми е многу што така заврши, во Рим оставив голем белег како 10-ка зад Томазо Роки. Секогаш се трудев да помогнам и да оставам добар впечаток, каде и да играм. Некогаш ти успева, некогаш не. Нормално е да не можеш секоја година да бидеш на врвно ниво. Кога се вратив на Олимпико, ме дочекаа со свирежи, можеби не знаат како одеа работите. Но добро, Лацио ми даде можност да играм на голема сцена и на високо ниво. Играв во ЛШ и освоив Куп на Италија со Делио Роси.

Поглавјето во Анкона?

На крајот на сезоната испаднавме од Серија А, но за мене беше важно да играм, бев млад и настапив на 25 средби. Од Анкона отидов во Лацио како трампа со Станковиќ. Јас во Лацио, Станковиќ во Интер.

А во Специја? Можеби не знаат баш сите дека и таму беше една година.

Да, една годинав минав и во Серија Ц. На почетоците играв во Интер Примавера и Морати имаше 50% од Специја, така ме прати мене и уште 6-7 од младинците на Интер во Специја. Секоја недела имавме дерби против Пиза, Карара, Пистоезе. Се сеќавам добро. Имав 20 години, отидов откако го освоивме Примавера првенството со Интер заедно со Пасквале, Берти, Кордаз, кој уште брани како трет голман. Го сретнав лани и го прашав „Што по ѓаволите правиш тука“? Трет голман, ми вели. Му реков „Земи ме и мене како шести напаѓач“. Кога беше Конте во Интер, ме бараа, а јас им реков: „Ме зезате? На 37 години ми е срам да се појавам на Сан Сиро.

Како ти оди со Академија Пандев?

Годинава почнавме лошо, бидејќи имаме некои промени. Во управата влегоа луѓе за да помогнат. Играат млади, а лани стигнавме до Конференциска лига. Брат ми Сашко уште игра таму. Има луѓе кои сакаат да управуваат со 70% од клубот. Би сакал да го продадам за да го освоиме првенството.

Италија - Македонија, пече уште, ама не за вас.

Кога таков вид на натпревар нема да го отвориш рано, потоа доаѓа нервоза и не успеваш да постигнеш гол и сè се комплицира. Кога јас бев млад, се играше нерешено со Лихтенштајн и се губеше од Андора, а лани падна Италија. Немавме што да изгубиме. Во последниве години пораснавме многу, има многу играчи кои настапуваат во добри лиги. Јас после Европското си ветив дека ќе се повлечам. Збогумот во Амстердам беше прекрасен.

Кам бек во Џенова во некоја друга улога?

Уште сум во контакт со многу од дечките, ама не знам. За новите сопственици од САД треба да научам англиски, а јас не знам ни збор. Не е лесно да се комуницира со нив. Не ги запознав многу, си отидов во последниот ден од јануарскиот преоден рок. Тренер беше Блесин со кој бев заедно само две недели. Не ме убеди неговата игра, гледам дека Џенова се мачи, но за млад тренер како него кој не го познава ни првенството ни јазикот, сигурно дека не е лесно. Плус Серија Б е уште потешка. Ако управата смета на него, сигурно има причина. Се надевам дека ќе ја однесе Џенова таму каде што заслужува.

Би работел ли како тренер?

Повеќе се гледам како спортски директор или агент. Сакам да работам со деца и да им помагам, да разговарам со нив и да ги гледам младинските натпревари.

Имаш ли некоја порака која сакаш да ја испратиш некому?

Само благодарам. Им се заблагодарувам на сите. Сите навивачи, претседатели, тренери. Секој од нив ми даде по нешто и не заборавам ништо. Да дојдеш како дете од една мала земја како Македонија и да стигнеш до ова ниво за мене беше чест. Почнав од најниско, но секогаш бев посветен и верував во тоа што го правев. На крај сум среќен како помина мојата кариера.

22 септември 2022 - 12:22