Јаја Туре исфрлен од состав за хуманитарен меч - праќал порно видеа во Вотсап група

Натпреварот Soccer Aid е еден од најголемите хуманитарни настани во годината. Фудбалски ѕвезди и лица од шоу бизнисот играат на најдобрите стадиони и собираат средства за хуманитарни цели.

На само неколку дена пред мечот за 2020-та година избил голем скандал: од составот е исклучен Јаја Туре, некогашната голема ѕвезда на Манчестер Сити и Барселона.

Туре во вотсап групата на неговиот тим праќал порно со девојка во комбе, а потоа уште и предложил во хотелот да донесе 19 проститутки.

Јаја Туре требал да игра во тимот на Светски ѕвезди со Патрис Евра, Мајкл Есиен, Клод Макелеле, Шеј Гивен, Сеџо Пицорно од групата Kasabian и уште многу други познати ликови.

Организаторите на хуманитарниот меч дознале за ова непримерно однесување на фудбалерот а во чат групата не биле само фудбалски ѕвезди туку и познати фудбалерки како и луѓе од светот на бизнисот. На многу од нив не им се допаднало таквото однесување на Туре.

Самиот некогашен репрезентативец на Брегот на Слонова коска ја признал вината но рекол дека тоа било само невкусна шега и дека сега вниманието е насочено кон неговата глупава постапка наместо кон хуманитарна цел:

„Сакам да се извинам пред сите кои се поврзани со Soccer Aid за мојата невкусна шега. Многу ми е жал. Сакав да се пошегувам но не помислив дека шалата ќе ги изреволтира другите учесници во групниот чат. Само што ми кажаа веднаш ги избришав видеото и зборовите.

Независно од организацијата, спремен сум да сносам веднаш одговорност за тоа што се случи. Возрасен човек сум кој не смее да си дозволи такви шеги. Се собравме поради добра цел, да им помагаме на децата ширум светот. Поради мојата неумесна шега мечот отиде во втор план. Жално е што мојата постапка не одвлече од прекрасната хуманитарна акција со фудбалот. Многу се срамам што се случи. Посакувам Soccer Aid во недела да собере средства и да привлече внимание за многу важни работи“, напишал Туре.

Мечот се одигра на „Олд Трафорд“ но без Јаја. Но и без него, теренот беше полн ѕвезди. Тренер на селекцијата на Англија на овој меч беше ветеранот Вејн Руни а за неговиот тим играше и Алфи Ален (Теон Грејџој од „Игра на Тронови“).

Интересно, на натпреварите во организација на SoccerAid редовно има спектакуларни голови и преполни трибини. Во 2012-та година Серџо Пицорно, гитаристот на Kasabian постигна неверојатен гол со лоб удар преку Дејвид Симан.

Soccer Aid е идеја на култниот Роби Вилијамс којшто ја предложил пред 15 години. Пејачот настапува на секој натпревар секоја година. Од 2006-та година до сега од овие хуманитарни средби за децата во најсиромашните региони се собрани речиси 38 милиони фунти.

7 септември 2020 - 09:24