Историска дебата за фрленото шише на Местаља и глумата на Барса

На и онака големата врева по социјалните мрежи, шпанската фудбалска федерација фрли бензин во оганот со изјавата на Хавиер Тебас дека „тој лично би се засрамил после таква глума да отиде дома и да ги погледне децата“.

Чудно е, но во приказната со фрленото шише кое леташе кон Нејмар од трибините на Местаља, коректно се однесуваше само еден човек. Оној кој го фрлил шишето.

Изгледаше дека животот на тој настан како и на секој друг од шпанските терени ќе трае само неколку дена, но бурната дискусија на Твитер и критиките кон Каталонците ја разгореа дебатата.

Фудбалерите на Барса беа обвинети дека ја испровоцирале публиката во Валенсија со несоодветната прослава на победничкиот гол на Меси од пенал на истекот од судиското продолжение, а се појавија и неколку видеа на кои се гледа како Суарез, а посебно Нејмар ги пцујат домашните навивачи при радувањето. Валенсија поради ова е казнета со 1.500 евра и условно ако се повтори инцидентот ќе им се затвори стадионот на еден меч.

Пластичното шише кое долета од трибините наводно било лесно како перо, а играчите на Барселона симулираа како граната да паднала меѓу нив.

„Изгледаше како куглање со десет кегли. Изгледа дека ја почуствуваа водата од шишето. Сме ги виделе ваквите сцени и има милиони деца кои ги гледаат. Да ме видат мене моите деца како глумам нешто, после би се срамел да одам дома да ги видам“, изјави претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас за неморалната реакција на играчите на Барса.

Претседателот на Барселона веднаш возврати со барање до Административниот Спортски Суд да отвори дисциплинска постапка против Тебас и членовите на натпреварувачката комисија на Ла Лига:

„Давање изјави во врска со акциите на играчите само допринесува за поголема тензија на ваквите ситуации кои можат да ескалираат. Изјавата на Тебас е неодговорна особено што доаѓа од официјално лице. Постои веројатност да ја откажеме поддршката за Тебас како претседател на Ла Лига“.

Шпанската јавност ги обвини и Нејмар и Меси поради тоа што ја провоцирале публиката, особено Бразилецот кој гласно ги пцуеше најжестоките навивачи на Валенсија, групата Curva Sud зад голот.

Шпанските новинари констатираат дека станува збор за најголеми суперѕвезди и професионалци кои не би требало да одговараат на реакциите од трибините. На социјалните мрежи се дебатираше и околу тоа како Дани Алвеш додека играше за Барса еднаш на фрлена банана на теренот, одговори со тоа што ја излупи и касна од неа.

Во меѓувреме се огласи и главниот виновик, 17-годишно момче кое го фрлило шишето. Се огласил на радио Валенсија:

„Јас сум навивачот кој го фрли шишето кое ги погоди играчите на Барселона. Во еден момент несвесно реагирав и сфатив дека сум направил грешка. Жал ми е за таквиот гест кој не ме дефинира мене како личност, ниту ги дефинира навивачите на Валенсија како такви. Кога им дадоа пенал, многу бев нервозен. Кога Меси даде гол и дојде под северната трибина да слави, Нејмар не навредуваше и ги провоцираше сите навивачи на Валенсија кој го бодреа тимот до крајот. Во еден момент видов шише на земјата и импулсивно го фрлив кон нив. Беше празно шишенце за вода, не беше толку тешко пет играчи на Барселона да глумат повреда. Им се извинувам и нив и на мојот тим кој ќе го бодрам до крајот на мојот живот“, рекол дечкото во емисија на радио.

Во меѓувреме многумина се потсеќаат на витешките потези на некогашниот капитен и голем борец на Барселона Карлес Пујол кој ги учеше соиграчите да не бидат глумци: