Ибра е секогаш директен, а Марио не е жив ако не врати

Со првиов нема од околу, одговара отворено. Вториот па не може да се соочи со реалноста и му работи суетата.

Се случи мало кошкање меѓу Златан Ибрахимовиќ и Марио Балотели, инаку поранешни соиграчи во Интер, периодот 2006-2009.

На фестивалот за спорт, организиран од Газета дело Спорт, Ибра зборуваше за неискористениот талент на Балотели, нешто што е општо познато и што веројатно само на самиот Марио му е нејасно, дека не го искористи до крај од немање доволно памет.

„Кога едно дете има шанса да го искористи својот талент и пропушта многу можности, тоа е штета. Балотели имаше многу и ги пропушти сите. Леао не е како Марио. Кога тој ќе даде некој гол со петица, тоа е генијално, за разлика од Марио. Тоа ви помага да разберете зошто Леао е таму, а Балотели на трибина“, рече Ибрахимовиќ.

Балотели кој обично не умее да преќути па дури и кога ќе добие конструктивна критина, му одговори на Златан со фотографија на која го држи пехарот од ЛШ, единствениот кој недостига во неговата импресивна кариера богата со 32 трофеи.

Ибра и Балотели заедно ги славеа трите Скудета по ред, но Швеѓанецот потоа беше дел од трампата со Ето во Барселона и ја испушти историската тројна круна со Мурињо сезоната 2009/2010.

Марио е доста активен на социјалните мрежи, па коментираше и на Инстрагам профилот на Газета, осврнувајќи се на сезоната 2008/2009, кога Интер беше елиминиран од Манчестер Јунајтед во осминафиналето од ЛШ.

„Во Манчестер беше исплашен, а јас сакав да победам (на терен). Следната година ја освоивме ЛШ. Како и да е, те сакам Златан“, напиша Балотели.

17 октомври 2023 - 14:02