Гвардиола, Тухел и соларникот во ресторанот

Таман кога помисливме дека ќе ни фали харизматичниот Јирген Клоп, се појави Томас Тухел, тренер кој фуриозно ја стартуваше сезоната со Дортмунд и чијшто омилен колега е тренерот на Баерн Минхен.

Пред шест месеци, екипата на Борусија Дортмунд од последното место ги гледаше екипите на табелата во Бундеслигата и изгледаше очајно на дното. На Сигнал Идуна парк се активираше алармот и време беше за промени.
 
Долго време управата на Милионерите размислуваше кој да биде замена за Јирген Клоп и на крајот се одлучија за Томас Тухел, поранешниот шеф на струката во Мајнц. И не промашија, напротив погодија бинго, барем по првичните резултати на стартот од сезоната. Дортмунд е лидер во Германија со максимален учинок и гол-разлика 8:0.
„Убаво изгледа и не би имал ништо против да потрае вака“, вели Тухел и предупредува дека уште е рано за напад на титулата.
По падот на Дортмунд пред 6 месеци, Тухел решил да сврти страница. Строго забранил брза храна, внел строг режим на исхрана и донел нов кондиционен тренер. На играчите често сам им покажува каде треба да стојат а неретко и сам ги носи сталките по игралиштето.
 
Томас Тухел го враќа моќниот изглед на Борусија Дортмунд, исто онака како на врвот во ерата на Јирген Клоп. Сè уште е рано да се носи некаков суд, но шесте победи на шест средби не се случајни и мириса на успешна сезона.
 
Харизматичниот Тихел го почитува ликот и делото на Пеп Гвардиола, со кој пред да стане тренер на Дортмунд се сретнал неколку пати во Минхен на вечера. Сведоците на тие вечери велат дека и двајцата толку многу се занеле што келнерите морале да им носат сол и бибер од околните маси, затоа што со нив ги цртале тактиките.
 
Оние кои му останаа верни на Јирген Клоп велат дека нивниот миленик од распадната Борусија направи разбуден лав, а Томас Тухел дошол во веќе готова Борусија. Во секој случај, навивачите на Борусија Дортмунд имаат причина за задоволство и во првенството и во Лигата на Европа.
25 август 2015 - 16:05