Голманскиот фараон кој ќе брани на Светско со 45 години

Есам Ел-Хадари првпат го облекол дресот на репрезентацијата на Египет пред 21 година. Од тогаш па наваму е синоним за долговечност меѓу голманите и човек кој ако го заобиколат повредите би можел да брани на Светско првенство на 45 години.

Египет се пласираше на Мундијалот 2018 во Русија со гол даден во 95’ минута а еден од најсреќните на стадионот на мечот против Конго беше легендарниот голман Есам Ел-Хадари. Зошто?

Ако во 2014-та година се чудевме како е можно Колумбиецот Фарид Мондрагон да брани на Светско на 43 години, тогаш за подвигот на Египќанецот Ел-Хадари ќе може да се снима филм и напише книга. Неговиот апетит за фудбал не престанува а после сè во кариерата, сега за првпат ќе брани и на Светско првенство.

„Направив речиси сè во фудбалската кариера. Освоив дури 37 трофеи и поминав незаборавни моменти како победата над Италија на Купот на Конфедерации во 2009 година. Единствено нешто што ми фали е настап на Светско првенство“, вели човекот кој се прослави во славниот Ал-Ахли од Египет а денес игра за Ал-Тавун во Саудиска Арабија.

Дресот на Египет првпат го облекол на 26. март 1996 година а до денес забележал 156 настапи. Благодарение на неговите одбрани Египет стигна до финалето на годинешниот Африканскиот Куп на Нации. Необично кога Ел-Хадари дебитирал за Египет денешната ѕвезда на тимот, крилото на Стоук Сити Рамадан Собхи не бил роден.

„Тој е најдобриот противнички голман против кој сум играл“, изјави еднаш легендарниот Дидие Дрогба за Ел-Хадари.

По сјајните одбрани на КАН 2017 кога од трет голман го замени повредениот Ахмед Ел-Шнави, ветеранот Ел-Хадари брани редовно. Во февруари годинава постави рекорд откако 10 часа и 53 минути беше без примен гол на Африканскиот Куп на Нации.

Ел-Хадари во кариерата најмногу бранел во домашното првенство а единствен излет во Европа му бил во швајцарскиот Сион каде потпиша во 2008-ма година но брзо се врати во родните краишта каде го обожуваат како фараон.

9 октомври 2017 - 10:41