Плејоф на Лига Европа

Го уживаме моментот и спремни сме за Рубин

Европската бајка на Работнички продолжува утре вечер, кога во рамките од плејофот за ЛЕ на Филип Втори во Скопје гостува рускиот Рубин Казан.

Работнички го има најдобриот старт на сезоната во клупската историја. Црвено-белите совладаа неколку европски екипи и стигнаа до последната препрека за историски пласман во Лига Европа. За голем успех ќе треба да го добијат двомечот со големиот Рубин Казан.

„Би сакал да ви заблагодарам за големото присуство. Тоа доволно говори за колку важен натпревар станува збор. Во Македонија многу ретко сме навикнати да стигнеме до оваа фаза на натпревари и како и пред мечот со Трабзон можам да порачам дека не планираме да бидеме само учесници во плејофот, туку планираме да дадеме сe од себе. Ќе одиграме најдобро што можеме и ќе се обидеме да оствариме што е можно подобар резултат пред реваншот во Казањ. Знаеме против каков клуб играме, знаеме дека се фаворити, ги респектираме, но ќе дадеме сe од себе да ги победиме“, изјави тренерот на Романтичари, Игор Ангеловски.

Дека екипата е спремна потврди и капитенот Илијоски, кој беше еден од најдобрите поединци на Дебар Маалци во претходните европски авантури, но поради парни картони, утревечер нема да може да им помогне на своите соиграчи. Покрај Илијоски, право на настап немаат уште и Душко Трајчевски и Иван Митров поради жолти картони на претходните натпревари.

„Искрено, цела ноќ немав спиено. Лошо се чувствувам, навистина ми е тешко, но тоа е фудбалот. Верувам во своите другари и знам дека можат да одиграат добро. Утре нè чека натпревар кој е од историско значење не само за Работнички, туку за цела Македонија. Играчите се спремни да се соочат со овој предизвик. Покажавме дека можеме, така што и утре сите ќе го дадеме максимумот и се надевам на поволен резултат“, изјави капитенот Баже Илијоски во име на целиот состав.

На прашањето да направи споредба меѓу Рубин Казан и Трабзонспор, тренерот Ангеловски вели дека и двата тима се составени од големи ѕвезди кои играле во најдобрите европски лиги.

„Нормално е дека го анализиравме противникот. Знаете кој настапуваше во Трабзонспор и кој настапува во Рубин Казан. Фудбалери како Гокдениз, Биљатединов, Едуардо, играчи кои играле и во Премиер лигата. Искрено не би сакал ништо ново во однос на тоа што го игравме претходно. Не кријам ниту менувам ништо. Ќе го примениме најдоброто од нас, составот ви е познат“, додаде Ангеловски.

Првиот натпревар од плејофот за Лигата на Европа меѓу Работнички и Рубин Казан се игра во четврток од 20:00 часот. Вратите ќе бидат отворени од 18:00 часот, а пуштени ќе бидат јужната и северната трибина.