Ѓорѓиоски: Воодушевени сме од УЕФА со Платини

Фудбалската федерација на Македонија го претстави планот и пехарот за историското случување во Скопје наречено Супер куп на Европа.

ФФМ заедно со Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор го најавија планот за работа околу недостатоците кои треба да ги сработат во наредните две години на арената Филип Втори каде ќе гостуваат победниците на ЛШ и ЛЕ.

„Воодушевени сме од патот по кој се движи УЕФА под водство на Мишел Платини бидејќи во сите одлуки чувствуваме љубов за фудбалот и почит кон сите нации, независно од нивната големина и финансиска влијателност. За македонскиот фудбал е голема чест што ќе има централна, историска улога во градењето на надворешниот имиџ на нашата земја, но тоа исто така е обврска и голема одговорност. Со добиената доверба да бидеме домаќини на еден од најголемите светски фудбалски настани ја исполнивме амбицијата да направиме уште еден чекор напред и да го дадеме својот придонес за европскиот фудбал“, изјави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски.

Во извештаите на комисиите на УЕФА стојат следниве забелешки кои треба да се изработат и санираат за финалето на Европскиот Супер куп закажан за 2017 година.

- Изградба на влезови за Источната и Западната трибина на арената, комплетирање на фасадата на арената и уредување на пристапната околина до „Филип Втори“. 

- Реконструкција и досредување на медиумската ложа, прес центрите на стадионот и микс-зоната. 

- Реконструкција на ВИП ложите и поголема безбедност. 

- Реконструкција на подтрибински простор во однос на контролната соба, соба за прва помош и сл. 

- Модернизирање на системот за осветлување, како и модернизација на видео бимовите. 

- Изработка на евакуациски план во случај на несреќи. 

- Прецизирање на хотелските капацитети кои треба да ги примат експедициите на двете екипи учеснички, многубројните високи гости, но и бројните навивачи. 

- Комплетирање на паркинг просторот. 

- Реконструкција на теренот. 

1 јули 2015 - 14:47