Германија е држава, затоа прва го враќа спортот на голема врата

Иако првиот случај на КОВИД-19 во Германија стаса дури 11 дена пред првиот случај во Италија, Германците најдобро од сите погодени големи земји ја менаџираа кризата. Благодарение на чесниот однос власт-граѓани-медицина, го изгаснаа пожарот и сега го враќаат фудбалот.

Од 16 мај нормалниот живот во фудбалскиот свет ќе стане поблизок - германските власти на чело со канцеларката Ангела Меркел дозволија да се доигра сезоната во Бундеслига.

Во моментот кога Бундеслига најави рестарт, Франција, Холандија и Белгија ги завршија своите сезони, Премиер лига влезе во ќорсокак а во Серија А уште се натегнуваат властите, медицинските лица и претседателите на клубовите.

Сега е јасно дека пандемијата на некој начин ги замени Олимписките Игри. Ова е глобално натпреварување само во необични категории: менаџирање со криза, доверлива комуникација со граѓаните, квалитет на здравствен систем, способност за оперативна реакција итн.

Ако на реалните спортски турнири на Германците им оди час добро час слабо, затоа на социјални натпревари одамна им нема рамни.

ГЕРМАНИЈА НАЈДОБРО ОД СИТЕ ВО ЕВРОПА СЕ СПРАВИ СО COVID-19, ИАКО КАЈ НИВ СТИГНА ПОРАНО ОД ИТАЛИЈА

За пандемијата со коронавирус во Германија треба да се знаат две работи: земјата се задржи на исклучително ниско ниво на смртност за Западна Европа и многу голем број на оздравени.

Неверојатен е контрастот со Италија, каде нивото на смртност е 12,6%, а во Германија 1,9%. Ова особено остава впечаток, затоа што Германија многу лесно можеше да тргне по истиот пат со Италија и да стане жариште на корона во Европа.

Првиот заразен случај во Германија беше откриен на 20 јануари - дури 11 пред Италија. Вирусот во Германија го донесе млада работничка од Кина во минхенската компанија Webasto (производство на автоделови). Работничката од Кина живеела во Шангај каде на гости и дошле родителите од Вухан. После пар дена гостување во канцеларијата во Минхен, таа на враќање во Кина имала симптоми на коронавирус и била позитивна. Таа во Германија се води како „нулта“ пациент.

Вирусолозите веднаш работеле детективски. Меѓу колегите на девојката од Кина ги нашле Пациентот 1 (прв заразен внатре во Германија), Пациентот 2 и понатаму до седум. Со неверојатен пристап лекарите дознале дека Пациентот 5 вирусот го прифатил преку допир на соларник.

Оганот во Германија брзо го угаснаа а во февруари почна да букти во Италија.

И покрај тоа, властите во Германија не се смириле и почнале агресивна информациска кампања: раскажале за симптомите на коронавирус и направиле преку илјадници тестирања. Особено се плашеле од тоа што секоја година во февруари и март околу 3 милиони Германци одат на скијање во северна Италија.

„Минхенскиот инцидент нè поттикна на прави мисли. Сфативме дека со обемно тестирање можеме да го спречиме вирусот да се распространи по Германија“, рекол водечкиот вирусолог Кристијан Дростен. 

За време на пандемијата, Дростен имал секојдневен подкаст на радио NDR и го слушале во цела Германија.

ТРИТЕ ТАЈНИ НА ГЕРМАНИЈА: МАСОВНО ТЕСТИРАЊЕ, СВЕСНОСТ НА ГРАЃАНИТЕ И ЛЕКАРИ СПРЕМНИ ЗА КРИЗА

Германија е една од малкуте европски земји спремни за епидемии. Тие имаат најмногу кревети на интензивна нега 33,9 на 100.000 жители (Италија има 8,6 Франција 16,3).

И покрај таквата спремност, властите во Германија внимателно се однесуваа кон пандемијата.

Имаа чесна и отворена комуникација со населението. Некои земји преку употреба на сила и казни и закани ги третираа своите граѓани. Германските власти избраа скроз друга интонација. На пикот од пандемијата правеле по 800.000 тестови неделно и плус стигнаа да доставуваат ширум светот тестови.

Од почетокот на кризата до крајот на април Германија направила околу 1,4 милиони тестови а Италија повеќе од 800.000. Што е најважно: што порано е востановен коронавирусот, тоа се поголеми шансите да се избегнат тешкотии, а во Италија ги тестирале само тие кои доаѓале во болница со сериозни симптоми што и тоа како влијаело на високото ниво на смртност.

ФУДБАЛОТ ОД ТОП ЛИГИТЕ ВО ЕВРОПА ПРВ СЕ ВРАЌА ВО ГЕРМАНИЈА

Франција со повеќе од 200.000 случаи на КОВИД-19 и продолжен карантин прва од Топ5 лигите го заврши првенството. Шпанија и Италија (најмногу погодени) постепено излегуваат од карантин, но фудбал ќе играат дури после 1-ви јуни.

Само во Германија смислија како во услови на послаб ризик од втор бран, да го вратат спортот.

ВО ФУДБАЛОТ НЕ Е ТАКА УБЕДЛИВО КАКО ВО ЗДРАВСТВОТО: НА 11 КЛУБОВИ ИМ СЕ ЗАКАНУВАЛ БАНКРОТ НА ЛЕТО

Германскиот фудбал важи за најздрав на светот, но дури и тој не е спремен за двомесечна пауза.

Повеќето германски клубови немаат богати сопственици (важи правилото 50+1), немаат донации од корпорации. Пари носат навивачите и спонзорите но во време на пандемија не се продаваа карти а тв каналот Comcast Sky ги замрзнал плаќањата за остатокот на сезоната.

Клубовите се спасија со помош на необични акции (Унион Берлин пример им предложил на навивачите да купат виртуелен сендвич и пијалак за 3,5 евра), а германската Лига основала солидарен фонд во кој четирите претставници во Лига на шампиони (Баерн, Дортмунд, Лајпциг и Леверкузен) даваа по 7,5 милиони евра и плус лигата одвои 12,5 милиони евра од свои резерви кои се поделија меѓу помалите клубови.

Но на средината на април реномираниот Kicker објави некои жални инсајдерски новости: ако во мај фудбалот не се врати, четири клуба од првата Бундеслига и седум од втората би можеле да банкротираат. Меѓу нив и Шалке 04 кој имал милионски долгови.

Паузата во фудбалот е лоша и по економијата на земјата. Клубовите во Бундеслига имаат околу 56.000 работни места а со кетеринг и редарски служби бројката стигнува и до 250.000 инволвирани во фудбалот.

Борусија Дортмунд има околу 1.000 вработени (без играчите). И доколку во Берлин лесно ќе најдете ново работно место, во градовите како Гелзенкирхен ситуацијата е потешка.

КРИСТИЈАН ЗАЈФЕРТ Е СПАСИТЕЛ НА ГЕРМАНСКИОТ ФУДБАЛ - ТОЈ ГО СМИСЛИЛ ПЛАНОТ ЗА ВРАЌАЊЕ НА БУНДЕС

Кога германската лига најави камбек, генералниот директор на англиски Брајтон рекол: „Ако во Германија се игра, зошто не можеме и ние“? 

Одговорот е следен: Премиер лига го нема Кристијан Зајферт.

Директорот на DFL (Германска фудбалска лига) работел како локомотива, изучувал сигурносни мерки и упорно ја водел Бундеслига кон враќање.

Кога на 13 март канцеларијата на Бундес донесе одлука за прекин, сите вработени си отишле по дома, само Зајферт цела ноќ останал во канцеларија и правел сценарио за враќање.

Заедно со вирусолозите Зајферт основал „Специјална група за спортска медицина“. Постојано се консултирал со клубовите и органите на редот и заедно го смислиле концептот на враќање на Бундеслига.

-На почетокот на мај играчите поминале три тестирања, а заразените биле пратени на двонеделен карантин

-Нови правила за играчите: забрана за ракувања, забрана за плунки, забранет секс со заразен партнер итн. Прес-конференциите ќе бидат строго виртуелни а гледачите на безбедно по дома

-Играчите и стручниот штаб ќе бидат тестирани пред секој меч. За остатокот од сезоната во Бундеслига ќе треба околу 20.000 тестови. DFL затоа склучила договор со пет германски лаборатории:Sonic Healthcare, LADR, Labour Berlin, Synlab и Labour Dr. Wisplinghoff.

Лабораториите гарантирале дека поради договорот со Бундеслига нема да има недостиг на тестови за обичните граѓани.

Претходно Бундеслига жртвувала 500.000 евра за државното здравство во борбата со COVID-19, а голем дел од сумата бил потрошен за тестови за лекарите кои работат со пациенти заразени со коронавирус.

Зајферт го претставил својот план на 20 април, а во следните недела дена: Меркел се советувала со сите министерства, а документот го анализирало и Федералното министерство за труд. Проектот за враќање на фудбалот им се допаднал на сите, освен на министерот за внатрешни работи во Бремен (случајно или не месниот Вердер е претпоследен на табела и може да испадне од лига).

Планот го одобриле но тука не завршила мисијата на Зајферт. Тој сфатил дека земјата преживеа сериозна криза и неумесно е да се игра фудбал додека луѓе умираат. Затоа тој дал многу интервјуа и подробно објаснил зошто планот е безопасен а враќањето на фудбалот е многу важно.

„Камбекот е економски спас за германскиот фудбал. Зборевме со многу експерти и постапивме правилно. Никогаш не се случи да има тестови за фудбалот а да нема за обичните луѓе. Не очекуваме посебен однос за нас“.

Политичарите ни се доверија и сега ние сме должни да бидеме пример. Хигиената на играчите во Бундеслига ќе биде на највисоко ниво. Важно е тоа не само за лигата туку и за нашите навивачи“.

ПЛАНОТ ВЕЌЕ ФУНКЦИОНИРА: КЛУБОВИТЕ ДОБИЛЕ ПАРИ ЗА ТВ ПРАВА

Бундеслигата стартува викендов, а веќе има ефект. После новоста за камбек, телевизискиот гигант Comcast Sky дал 280 милиони евра за остатокот од сезоната. Оваа сума ќе биде распределена по клубовите и за некои е спас. Како на пример за Хановер.

На почетокот на мај гигантот Volkswagen одлучил дека за нив е премногу да спонзорира два клуба и ги скратил средствата за Хановер кој добивал милион евра од големата компанија. Но Бундеслига се врати и Хановер добил транша од 3,8 милиони евра од парите на Sky за тв права. Толку ќе им бидат доволно да ја завршат сезоната.

Зајферт испаднал двоен генијалец затоа што го спасува не само германскиот туку и општо европскиот фудбал. Кога Бундеслигата објавила камбек, Серија А, Премиер лига и Ла Лига уште беа во ќорсокак. Влијанието на Германија е очигледно: Англичаните користат тестови од германски лаборатории, Русите ги копираат новите медицински протоколи на Бундеслига итн.

Најважно од се е што Бундеслига дури им помогна на другите да се ослободат од товарот и да размислуваат за поскоро враќање. Премиер лига и Ла Лига се враќаат најверојатно на 12 јуни, значи 1 месец подоцна и Бундеслига ќе биде ексклузивен европски фудбал периодов.