Битка за името

На едните им е ужасно битно да го задржат името, на другите исто толку битно да го освојат името. Милион луѓе ваму, милион таму – крв до колена. Сталинград, пред 70 години.

Русија се подготвува да ја обележи 70 годишнината од историската битка за Сталинград која се смета за пресвртна точка во целата Втора Светска Војна. Во деновите на прославата, денешен Волгоград (оригинално Царицин) го враќа своето воено име за да им оддаде почест на жртвите дадени за одбрана на градот.

Не дека Сталинград немал важна геостратешка позиција за текот на војната, но проценките на историчарите велат дека беспоштедноста на битката може да му се препише најмногу на самото име на градот – на Хитлер му било битно да го освои Сталинград заради моралот на војниците и победничката еуфорија која може да ја донесе таквата победа, на Русите исто толку важно да го задржат, од истите воени причини.

Инаку, германската армија стабилно напредува низ Кавказот во југозападна Русија кога Хитлер му дава наредба на генералот Паулус да го заземе Сталинград.

Во и околу градот се стационира сериозна воена сила: по еден милион луѓе од двете страни, со по над илјада  авиони и тешка артилерија.

Битките се водат во самиот град, по улици, состојбата се менува секојдневно. Германците успеваат да заземат добар дел од градот по што генерал Жуков, на 19-ти ноември 1942-ра, го повлекува клучниот тактички потег: 250.000 војници остануваат во Сталинград а со останатите го опколува градот, односно непријателот, со што му го прекинува дотурот на храна и муниција. Плус, настапува жестока зима.

Хитлер му издава лична наредба на генералот Паулус дека не смее да се предаде а за да го мотивира, го унапредува во филд маршал. Доцна е. Кон крајот на јануари, Паулус се предава по што бива ражалуван од бесниот Хитлер. Тој прогласува и Ден на жалост, не во име на жртвите за Сталинград, туку како срам за генералот кој се предаде.

Русите заробуваат 91.000 германски војници, по што германската армија веќе никогаш нема да може да собере доволно луѓе за освојување на големата Русија.

Вкупен биланс: 1 милион жртви, од двете страни, што значи половината од сите кои биле во и околу градот во таа 42-ра година.

повеќе