Фотографии на СКОК кога Македонија го почна самостојниот фудбалски пат

Македонскиот репрезентативен фудбал денеска одбележува 30 години од своето добро познато деби во Крањ. Ќе се потсетиме на незаборавната победа, ама да ѕирнеме и некоја фотографија од тие времиња, како и од досегашните одбележувања на тој историски датум.

Еден од малкумината новинари кои имале привилегија во живо да гледаат, како македонската репрезентација ја испишува историјата со својот прв настап од независноста е Мијалче Дургутов.

Беше дел од култниот СКОК, инаку прв македонски неделен спортски магазин (1991-1999) и прв македонски дневен спортски весник (1999-2003).

Дургутов кој на последните прес конференции се појавува како нов портпарол на ФК Вардар, на Фејсбук страницата СКОК објави неколку фотографии од Крањ и напиша:

„Неколку фотографии од мојата лична архива, а поврзани со директните учесници и луѓето кои придонесоа за тој историски натпревар. Дел од имињата: Гоце Христовски - покоен („Искра Турс“), Јово Никушев, селектор на Младата репрезентација (под 21 година), Часлав Божиновски - покоен, државен капитен на репрезентацијата, економот Ане Велевски“.

Поопсежна фотогалерија по повод 30 годишнината од стартот на македонската репрезентација може да погледнете на порталот Екипа, направена од Роберт Спасовски, фоторепортерот кој всушност во тоа време работел за СКОК.

Инаку за 20 годишнината од историскиот меч во Крањ, ФФМ во своето седиште организираше ревијален натпревар помеѓу момците кои ги удрија темелите на тој 13 октомври 1993-та и микс на пензионирани репрезентативци.

Првите ги водеше се разбира Андон Дончевски, а на спротивниот табор селектор беше вардаровата легенда Васил Рингов. Помошници му беа доајените на спортското новинарство Миодраг Мицковиќ, Атанас Костовски и Александар Стиков.

Натпреварот заврши 1:1 со головите на Тони Мицевски и Гоце Седловски од пенал, а судија на мечот беше интернационалниот пензиониран судија Емил Божиновски. Единствен активен фудбалер на терен беше Тони Мицевски кој на тогашни 43 години настапуваше во третата македонска лига. Имаме многу фотки од тој настан, еве дел од од нив.

Ако сакате да чуете како легендарниот чичко Дончо ги водеше од клупа, клик тука. Стоевме до клупа за да го снимиме.

Од 20 годишнината, се префрламе на 25 годишнината од првиот меч на Македонија. На тој ден 18 октомври 2018-та, се погоди да ни гостува Лихтенштајн во Лига на нации.

ФФМ ја покани целата постава предводена од Дончевски, како и сите новинари кои известуваа од тој меч. На тартанот на Градски се појавија сите репрезентативци со исклучок на Дарко Панчев, Бобан Бабунски и Чедомир Јаневски. Им додели плакети и подароци.

За почетоците на македонската фудбалска репрезентација зборуваше Дарко Панчев во вчерашното интервју за ФФМ.

И како што е редот, да потсетиме. Македонија на првиот историски натпревар настапи во состав Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Зоран Јовановски, Драган Канатларовски, Илија Најдовски, Чедомир Јаневски, Зоран Бошковски, Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски и Тони Мицевски. Од клупата за резерви влегоа Сашо Милошевски, Горан Георгиевски, Неџмедин Мемеди и Ванчо Мицевски, а дел од составот беше и голманот Лазо Липоски.

Прв стрелец во историјата на Македонија ќе остане вечно запишан Зоран Бошковски – Чоко, а по него за конечни 1:4 погодија уште и Дарко Панчев, Драган Канатларовски и Чедомир Јаневски.

13 октомври 2023 - 12:36