Познати се 13-те градови каде ќе се игра ЕП 2020

Македонија конкурираше да биде меѓу градовите домаќини на ЕП 2020 кое ќе се игра во 13 различни земји, но УЕФА одлучи за сега да останеме само на европскиот Супер Куп следната година.

Во 2020. година Европската фудбалска унија ќе слави јубилеј, 60 години постоење. Од таа причина денес УЕФА го претстави логото за Европското 2020-та кое ќе се игра во 13 земји со полуфиналните средби и финалето во Лондон.

Групната фаза и осминафиналето од ова Европско ќе се игра во Букурешт (Национална Арена), Копенхаген (Паркен стадион), Амстердам (Амстердам Арена), Даблин (Авива), Билбао (Сан Мамеш), Будимпешта (Ференц Пушкаш стадион), Брисел (Еуростадион) и Глазгов (Хемпден Парк).

Некои натпревари од групната фаза и четвртфиналето ќе се играат во Минхен (Алијанц Арена), Баку (Национален стадион), Санкт Петербург (Крестовски) и Рим (Олимпико). Полуфиналето и финалето ќе бидат организирани во Лондон (Вембли).

На денешната церемонија во Лондон Сити Хол за првпат во улога на претседател на УЕФА зборуваше и Словенецот Александар Чеферин кој убедливо победи во трката за прв човек на оваа елитна организација.

Логото за ЕП 2020

Чеферин појасни дека УЕФА сака да биде што поблиску и до земјите каде фудбалот не е толку промовиран и популарен и од таа причина Европското ќе се игра во 13 различни градови со цел многу Европјани да бидат поблиску до континенталниот турнир.

Се надеваме дека Македонија ќе обезбеди учество на ова Европско, така што ќе можеме да ги бодриме нашите фудбалери во еден од овие европски градови. До тогаш нè чекаат борбите за Мундијалот во Русија. На 6-ти и 9-ти октомври играме во Скопје против Израел и Италија.