Џиџо Донарума наполни 18 години

Додека другарите седеа со џојстик во рака, Донарума бранеше против Реал и Баерн

По повод полнолетството на најдобриот голман кој Милан го имал во последните неколку години, клупскиот канал реши да го изненади Донарума со честитки од сите најблиски.

Џанлуиџи Донарума стана вториот најмлад голман во историјата на Серија А, откако дебитираше за славниот Милан на само 16 години и 242 дена. Тогашниот тренер на ’Росонерите’, Синиша Михајловиќ храбро одлучи да го стави Донарума на голот на мечот против Сасуоло во октомври 2015. година.

Од тогаш па наваму, Џиџо Донарума не престанува да брани неверојатно зрело и е прав феномен. Веќе има 59 официјални натпревари за Милан а дури на 18 средби останал несовладан. Стана и репрезентативец на Италија и сигурен наследник на Буфон.

Во август минатата година, на 17 години и 189 дена стана најмладиот голман кој бранел за Италија.

Џиџо е роден во Кастелмаре ди Стабија, мало место на брегот близу Неапол. Таму е роден и долгогодишниот италијански репрезентативец Фабио Кваљарела.

„Вујко ми првпат ме однесе на теренот на Кастелмаре, ме пазеше како мал и ми ја пренесе љубовта кон овој спорт. Имав само 4 години но тој уште тогаш го виде мојот талент. Почнав да бранам во јуниорите и од тогаш не ја сменив позицијата“, се сеќава Донарума во интервју за сајтот на италијанската фудбалска федерација.

Од тој момент Донарума сериозно се развивал, напредувал и веќе бил многу повисок од неговите врсници. На 11 години играл во локалната лига а мајка му Маринела морала редовно да го носи неговиот извод од матично за да докаже дека не е постар од другите деца.

Најголема заслуга за неговиот развој има тренерот на локалниот клуб, Ернесто Ферара, човек кој важи за најголем ’одгледувач’ на таленти во јужна Италија.

„Благодарение на него многу напредував. Не само како голман, туку и како човек. Неколку тимови од Серија А почнаа да ме следат“, се сеќава Џиџо.

Интер бил прв кој го викнал на проба, но 13-годишниот Донарума решил да тргне по друг пат. „Го одбрав Милан а не Интер затоа што брат ми беше во Милан и затоа што отсекогаш навивав за Милан“ изјави Донарума во 2015-та за БиБиСи.

„Верувајте дека младинските академии произведуваат еден голман како Донарума во милиони“, кратко прокоментира тогаш Филипо Гали, легендата кој со Милан освои 5 Скудета и кој сега е директор на младинските категории на Милан.

Со оглед на брзиот развој, поранешниот стратег на Милан Филип Инзаги му даде место на клупата за резерви на последните две средби од сезоната 2014/2015 пред Михајловиќ да стане нов тренер.

Сите со нетрпение чекале некој да собере храброст и да го стави во првиот тим, а тоа го направи Михајловиќ. Во пресрет на сезоната 2015/2016 Донарума му одбрани пенал на Тони Крос за време на Интернационалниот Куп против Реал Мадрид и брзо се прошири веста за договорот на Донарума со агентот Мино Рајола.

Џанлуиџи е висок 1.96см и во моментов е можеби најзаслужен за добрата сезона на клубот.

„За мене Џиџо има потенцијал да ја добие наградата ’Златна топка’, изјави Монтела неодамна.

Во меѓувреме на големо се зборува дека за него сериозно е заинтересиран Јувентус кој сака да го ангажира, но Милан не сака да слушне и го планира Донарума за идна икона на Милан.

Видеото со честитките за 18-ти роденден од најблиските на Донарума: