Документарецот за Џордан го инспирирал Робен да се врати

Легендарниот холандски фудбалер се врати од пензија и ќе продолжи да игра фудбал за неговиот матичен клуб Гронинген. За ваков чекор добил инспирација од документарката за Џордан.

Во мај 2019 година, само неколку денови откако се пензионираше, луѓето од управата на Гронинген се сретнале со Робен, но тогаш 36-годишниот Арјен ги одбил.

Но минатиот месец идеата одново заживеала. Холандскиот клуб искористил некои клипови од документарецот „Последниот танц“ за Мајкл Џордан, со тоа што вметнале некои фотографии од кариерата на Робен.

Неверојатниот крилен напаѓач дебитираше за Гронинген на само 16 години пред да се пресели во ПСВ Ајндховен каде стана класен играч. Подоцна се прослави во Челси, Реал Мадрид и Баерн Минхен.

Сево ова и големата желба од навивачите на Гронинген да го видат Робен одново во зелено-белиот дрес, го убедила Арјен да потпише 1-годишен договор.

„Тука сум да му помогнам на клубот. Тоа се прави со прав пристап. Немам ништо да изгубам и одам во нов предизвик со позитивен став и ќе се обидам да бидам најдобар. Не сум поставил никакви цели, може да заврши за месец дена, а може да трае две години“, рекол Робен во неделата откако потпиша договор со Гронинген.

Слична приказна имаше и Џордан после повлекувањето. Откако ја заврши бејзбол кариерата на 30-годишна возраст, Мајкл се врати во Чикаго Булс и освои дури три шампионски титули во НБА.

А Робен откако се пензионираше, се спремал за маратонот во Ротердам кој требаше да се одржи во април но поради глобалната пандемија се одложи за октомври.

29 јуни 2020 - 13:11