Дел Пјеро ја пишува историјата на Јувентус

Алесандро Дел Пјеро има постигнато многу голови, но во сезоната која можеби му е последна како фудбалер на Јувентус и како фудбалер воопшто, „Пинтуричио" го постигна еден од најважните голови во неговата кариера и тоа токму на неговиот 700. настап во црно-белиот дрес.

Дел Пјеро дава гол, Јувентус победува. Ова сценарио ни е многу добро познато и веќе видено, но овој пат, тој гол вредеше прво место за Јуве. Тој се запиша во историјата на клубот кога влезе во игра во 73-та минута и го забележа својот 700. настап за клубот од Торино.

Само девет минути подоцна Дел Пјеро го изведе неговото познато славје со плазењето јазик и го дигна цел стадион на нозе. Тој со прекрасен гол од 25 метри му ја донесе победата од 2:1 на својот клуб против Лацио.

Јувентус поведе во 30-та минута со акробација на Пепе по одличното проигрување од Пирло, а израмни Маури во последната минута од првиот дел. Домаќините доминираа во текот на целиот меч и заслужено триумфираа против Лацио кои во финишот останаа без тренерот Реја заради приговор и Либор Козак заради ударање на Бонучи.

Сезоната во Италија е далеку од завршена. На шест кола до крајот Јувентус има еден поен предност во однос на Милан. Јувентус треба да се сретнат со Рома и Лече, на гости со Чезена, Новара, и Каљари и дома со Аталанта. Милан ќе играат со Џенова и Болоња, на гости со Сиена, дома со Аталанта, дерби со Интер и на крајот против Новара.

Тешко е да се каже кој има полесен, а кој потежок распоред, но лесно е да се заклучи дека претстои неизвесна и интересна борба до самиот крај.

12 април 2012 - 10:09