Бразилците триумфално над Мексико

Домаќините на Купот на Конфедерации славеа во второто коло од А групата против Мексико и со тоа си го обезбедија пласманот во полуфиналето. Човек на одлука беше младата бразилска ѕвезда, Нејмар со одличен волеј удар во 9 минута и асистенција.

Фудбалерите на Бразил уште во првите минути од мечот размислуваа само на погодок и веднаш го притиснаа противникот и создода неколку шанси за гол. Новата ѕвезда на Барселона, Нејмар по исфрлувањето на една топка во шеснаесетникот на Мексиканците, се најде на вистинското место и со прекрасен волеј удар го отвори резултатот во 9 минута.

За кратко време неговиот клупски и репрезентативен колега Дани Алвеш за малку не го зголеми водството, откако со фантастичен лоб удар биеше точно во горниот агол од голот, но голманот на Мексико Хезус Корона успеа со крајни напори да ја исфрли топката во корнер.

Единствената и најсериозна шанса за Мексиканците се случи во 17 минута кога Марсело си поигра во шеснаесетникот, ја загуби топката, а Хирам Миер имаше одлична шанса за изрманување, но биеше покрај голот.

Во вториот дел се играше помалку атрактивен фудбал за око, без многу сериозни шанси за погодок. Фудбалерите на Бразил како да беа задоволни и сигурни дека ќе триумфираат со минимални 1:0 и решија да се повлечат на својата половина.

Кога сите помислија дека тоа ќе биде и конечен резултат, Нејмар во свој стил измами двајца дефанзивци на Мексико и го пронајде на втората статива осамениот Жо кој погоди за 2:0.

19 јуни 2013 - 22:57