Бомбите за Перез кој плука на големо по легенди на Реал Мадрид

Првиот човек на Кралевите деновиве е мета на голем скандал во Шпанија кој се открива во делови. Се појавија телефонски разговори во кој удира силно по славни имиња кои ги донесоа трофеите во клубот и тоа пазете против Раул, Касиљас, Фиго, Кристијано Роналдо, Дел Боске, Мурињо...

Во емисијата „Ел Трансистор“ на Онда Серо беше објавено дека новинарот Хосе Антонио Абељан кој тајно ги направил снимките, се обидел да изнуди 10 милиони евра за јавноста никогаш да не дознае што зборувал Флорентино Перез за играчите и тренерите.

Но новинарот на весникот „Ел Конфиденсиал“ очигледно не успеал да ја изнуди големата сума на пари и сега секој ден “пука“ по некоја бомба. Инаку дел од разговорите се снимени во 2006-та и 2012-та година. Во најновите Перез ги навредува Гути и Фиго.

„Шокиран сум колку Калдерон се излажа со Гути и тоа само затоа што овој одигра два добри меча. Гути е морон. Тој е како коза, самиот себе си е најголем непријател“.

„Фиго е тој кој ја уништи екипата. Најдобар беше Зидан, нема дилеми. Фиго беше курвин син, баш како и Раул. Двајцата беа најлоши за тимот. Раул не продава апсолутно ништо, ниту дрес, нема медиумско внимание. Го уништува клубот, моралот на играчите, сè. Многу лош човек“.

За Касиљал и Раул, незаборавни легенди на Реал каде играа 16 сезони, претседателот на Реал вели вака:

„Фановите го обожаваат Касилјас. Не знам зошто толку го бранат и го сакаат. Тој е една измама, со Раул двете најголеми измами во историјата на Реал Мадрид“.

Инаку новинарот почна да ги објавува разговорите во кои Перез користи тешки навреди за Кристијано Роналдо, кој ги урна сите рекорди и ги освои сите трофеи на Бернабеу.

„Роналдо е луд. Дечкото е идиот, болен човек. Мислите дека тој е нормален? Не е нормален, ако не е така не би ги правел сите тие работи што ги прави. Свет, свет... Зошто мислиш дека ја прави таа глупава работа?“

Потоа продолжува и за него и за Мурињо

„Мендеш не го командува него. Исто како што нема влијание и врз Мурињо. Нула, ништо. Дури и за интервјуа. Овие луѓе имаат ужасно его, двајцата се разгалени, и тренерот и тој, и не ја гледаат реалноста, и двајцата би можеле да заработат многу повеќе пари ако беа поинакви. Овие двајца не се нормални, зборуваме за многу пари на полето на имиџ правата. Со тоа лице што го имаат, со тој пркосен начин, сите ги мразат... а ако јавноста не ве сака, не ве сака“.

Во скандалозните аудио снимки Перез зборува општо за фудбалерите дека се себични, а ги напаѓа и членовите од славната генерација од 80-те и 90-те како Емилио Бутрагењо, Мигел Пардеса, Маноло Санчис, Мичел Гонзалез и Рафаел Мартин Васкез.

До сега не се излезени негативни коментари за Бекам, Зидан и Роналдо Бразилецот, освен тоа каде вели дека добро заработувале.

Во транскриптите може да се прочита дека Перез договара гасење на одредени ТВ емисии, организира јавен линч на своите противници на социјалните мрежи и условува донесување одлуки на националната телевизија.

Тој се огласи за овие случувања и тврди дека ова му го правеле намерно за да го оцрнат, како и да му оштетат на проектот за Супер лигата на Европа.

16 јули 2021 - 10:21