Аѕурите со фантастичен пресврт ја добија Јапонија

Селекциите на Италија и Јапонија во рамките од второто коло од Купот на Конфедерации го одиграа највозбудливиот натпревар до сега со дури 7 погодоци. Јапонците имаа предност од 0:2, но упорните Италијанци стигнаа до полуфиналето со пресврт од 4:3 во вториот дел.

Актуелниот европски вицешампион беше во шок по првите половина час игра откако Јапонија направи водство од 2:0. Најпрвин од пенал погоди Хонда, а потоа водството го зголеми фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Кагава.

Италијанците не се предадоа и со погодокот на Де Роси со глава по центар шутот на Пирло од корнер се вратија резултатски во игра на 4 минути до крајот на првиот дел.

Настаните на стартот од воторото полувреме одеа во полза на Италија која за 2 минути го направи пресвртот. Јапонците преку Учида си постигнаа автогол во 50 минута, а Марио Балотели веднаш потоа стрелаше од пенал за 3:2.

Драмата на арената „Пернамбуко“ во Речифе продолжи откако „Самураите " изведоа слободен удар, а највисок во скокот беше Оказаки кој го израмни натпреварот. Мечот го реши нововлезениот Џовинко на 4 минути до крајот.

Во третото коло Бразил и Италија се очекува да одиграат борбен меч за првата позиција со која би го избегнале светскиот и европски шампион Шпанија, која најверојатно ќе заврши на првото место во групата Б.

20 јуни 2013 - 09:02