95% од африканските фудбалери во Европа имаат лажна возраст

Жером Дуфург е француски бизнисмен и директор на фудбалскиот тим Таланта од Кенија. Во интервју за „serieaddicted“ тој отворено зборува како во Африка талентираните играчи за само 8 евра мито, вадат документи и “стануваат“ повозрасни за да се продадат во странство.  

Мисијата на Жером во Африка е да внесе што поголема професионалност во новоформираниот африканскиот клуб Таланта кој постои од 2012 година. Но паралелно тој се бори и против лесната манипулација со лажирање на возраста на фудбалерите од Африка.

27 годишниот Французин кој се има дошколувано со ФИФА Мастер, открива шокантни податоци за корупцијата во Африка. Кажува како на младинските светски првенства настапуваат играчи со лажни податоци, а за 17 годишниот Минала од Лацио вели дека можно е да е роден во 1976 година.

Сте слушнале ли за случајот со Минала и што мислите за тоа?

Да, и не сум воопшто изненаден. Со моето досегашно едногодишно искуство во Африка, добро се запознав со лошите навики во овој систем. Еднаш додека бев на терен со мојот тим ми пријде играч за да ми каже дека му треба нов извод од матичната книга на родени за да извади нов пасош. Иако според мене беше повозрасен, тој имаше 19 години и сакаше да “стане“ постар за две години. Знам и за еден фудбалер кој сега тренира во Европа, а ми покажа два пасоши со ист ден и месец на раѓање, но на едниот е 1992, а на другиот 1995 година. За жал во Кенија корупцијата во Фудбалската федерација е на толку високо ниво, што дури и нема младинска репрезентација.

 Како сето ова функционира во пракса?                                                                                   

Многу едноставно. Со подмитување на вистинските луѓе во вистинските канцеларии. Со 1000 шилинзи или 8 евра се купува нов извод од матично. Мене за 1000 евра ми нудеа кенијско државјанство и ми рекоа дека со тоа ќе заработувам повеќе пари.

Дали истово се случува и во други фудбалски федерации на континентот?

Кога зборуваме за Африка во поглед на сиромаштијата, инфраструктурата, традицијата многу е важно да направиме разлика помеѓу северниот и централно - јужниот дел затоа што тоа се два различни света. Во Мароко, Алжир и Египет нема измами околу возраста, бидејќи таму администрацијата е посилна. Јужна Африка, Набимија, Мозамбик, Ангола и Замбија направија многу за да произведат вистински таленти. Не би ги ставил сите федерации во ист кош, но повеќето од нив се некомпетентни и се подложни на корупција. Кога ќе имаат “вистинска“ влада, тогаш може да се надеваме дека ќе имаат и “вистинска“ федерација.

Според Вас, колку проценти од африканските играчи го прават тоа?

Во Кенија каде што живеам јас, би рекол дека 70% од нив имаат лажна возраст, а можеби и повеќе. Минатата година на еден турнир за играчи до 19 години, еден тренер од Њанза, северна провинција од Кенија ми рече дека еден играч бил регистриран со 24 годишна возраст. Откако ја кажав вистината ме суспендирана. 95% од фудбалерите родени во Африка кои играат во Европа имаат лажна возраст.

Дали европските клубови кои ги следат овие играчи се свесни како функционира целиот систем?

Скаутите од Европа многу добро знаат што се случува во Африка и повеќето од играчите кои настапуваат на светските првенства У17 или У20 се регистрирани со лажна возраст. Но улогата на парите во фудбалот стана премногу доминантна и играчите со нив си купуваат нови документи, затоа што со тоа добиваат пасош за во Европа, пасош за успех и нов живот.

Може ли да се распознае лажниот од вистинскиот документ?

Лажниот извод од матичната книга за родени е всушност вистински веродостоен документ. Измамата е само во датумот на раѓање. Значи не зборуваме за фалсификуван документ, туку само за лажни бројки и затоа не е можно да се направи разлика во двата листови хартија. Затоа и кога зборуваме за Џозеф Минала велиме дека има оригинални документи. Тој веројатно има два или три пасоши и сите се вистински. На едниот стои дека е роден 1996, на другиот 1986, а веројатно точниот е оној од 1976 година. Луѓето може да зборуваат што сакаат за Минала и неговото детство. Но јас живеам тука и гледам мизерија, сиромаштија, смрт, силувања, тажни стории  и сл. Ако некој има навистина 17 години тоа се забележува, но тој нема изглед за тие години, иако има вистински документи.

Зошто тогаш и понатаму ги следат и им потпишуваат договори?

Ако забележите талентиран фудбалер како што беше на пример случајот со Обафеми Мартинс кој на 24 годишна возраст се претставуваше дека има 18, што ќе направите? Дали ќе го земете во тим или ќе ве спречи нешто? Ако не го земете вие, ќе го земе некој друг. Кога со 24 години, играте лажно како да имате 18, тогаш уште може да играте добро. Но кога вистински ќе наполните 30, а се претставувате со 24, нема да бидете истиот на терен.

Знаете ли некој друг познат фудбалер кој го направил истото?

Знам многу играчи во Европа кои настапуваат со лажна возраст, но не сакам никого да именувам затоа што им ги знам и семејствата. Славните фудбалери додека градат успешна кариера не сакаат да имаат црни дамки. Овие играчи, покрај тоа што мамат, ја хранат и својата фамилија. Ако осудиме еден, тогаш некој друг ќе го земе неговото место. Системот не може да се смени од внатре, односно од Федерацијата. “Чистачот“ треба да биде владата, вели Жером Дуфург за serieaddicted.

 

7 март 2014 - 14:34