10 фудбалери кои видоа живот после Милан

Милан е без сомнение еден од најславните фудбалски колективи на светот, но неколку играчи кои не можеа да се пронајдат себеси на Сан Сиро, се препородија откако ги напуштија Росонерите.

Џоване Елбер

Во Милан од 1990 до 1994 година: Скаутите на Милан го ископаа 18-годишниот Бразилец во малиот клуб Лондрина. За четири години во клубот Елбер допринел исто колку и ограничувањето на странски играчи во Серија А. Нула мечеви, нула голови и по завршување на три годишниот договор, Елбер замина од италијанскиот фудбал.

После Милан: Одличните настапи на Елбер во Грасхоперс (69 натпревари/ 41 гол) го убедија раководството на Штутгарт да го доведе во своите редови. Цели три сезони беше најдобар играч на Швабите и тоа беше доволен знак Баерн Минхен да го купи. Во Баварија Елбер мина 6 незаборавни сезони, даде 138 голови, ја освои Бундеслигата и Лигата на шампионите. Замислете сега каков состав имал Бразил во тоа време кога немаше место за Елбер во репрезентацијата.

Патрик Виера

Во Милан од 1995 до 1996 година: На 19 години, Виера бил капитен на францускиот Кан, но таквото признание не му помогна да влезе во потесниот круг на Милан кон средината на '90-те години. Одигра само 5 меча за Црвено-црните.

После Милан: По бескрајното лутање, Виера се вдоми во Арсенал каде беше меѓу првите засилувања на новиот тренер Арсен Венгер. Веќе од првата сезона, тренерот на Арсенал стекна доверба во сонародникот кој му беше капитен во следните девет години во кои Арсенал освои три титули.

После Арсенал, Виера се врати во Италија каде играше во Јувентус и Интер, со Торинците освои едно Скудето кое им беше одземено поради аферата Калчополи. Не треба да ве потсеќаме дека Виера освои сè што можеше да се освои со француската репрезентација.

Едгар Давидс

Во Милан од 1996 до 1998 година:

На 23 години, пит-булот како што му беше прекарот на Давидс, во Милан дојде откако освои сè што можеше со Ајакс (3 титули во првенство, 1 во ЛШ и 1 во Куп на Уефа). На 19 натпревари во црвено-црниот дрес само еднаш влезе од клупата по што му беше јасно дека за него нема место на Сан Сиро.

После Милан: Пред почетокот на сезоната 1997/1998, Милан по секоја цена сакаше да се реши од фудбалерот кого го потпиша како слободен играч според Босмановото правило. Давидс за 8 милиони евра (тогашни 9 милијарди лири) замина во Јувентус каде стана најважен играч во екипата. Освен портокаловиот дрес на Холандија, Давидс најлесно го препознававме и во црно-белиот дрес на Старата дама.

Михаел Рајзигер

Во Милан од 1996 до 1997 година:

Рајзигер во Милан дојде од Ајакс со приближно исти очекувања како Давдис, но заврши како него во северна Италија. Во Милан ги триеа рацете со неговиот трансфер, затоа што го доведоа без пари а го продадоа во Барселона за 5,6 милиони фунти.

После Милан:

Каталонија го искористи најдобриот период во историјата на холандскиот фудбал, така што левиот и десен бек се придружи на холандската колонија во Барселона. Седум години момчето со прекарот Маска ја газеше десната страна покрај аут линијата каде што денес работи Дани Алвеш.

Патрик Клајверт

Во Милан од 1997 до 1998 година:

Во летото 1997 година, Клајверт го искористи правилото Босман и како слободен играч по завршувањето на договорот од Ајакс премина во Милан. Кариерата во Милан ја започна со сензационален гол против Јувентус на пријателски натпревар, но подоцна даде само шест гола што беше недоволно да остане во миланскиот клуб.

Кариерата во Милан остана во лошо сеќавање затоа што со кола прегази пешак, по што доживотно му ја одзедоа возачката дозвола, а во еден момент го обвинија и за силување, но беше ослободен.

Црниот период во животот на Клајверт заврши откако потпиша со Барселона. Во дресот на каталонскиот гигант одигра 120 натпревари за шест сезони и беше еден од подобрите фудбалери што играл во тандем со Ривалдо. И покрај тоа, Барселона минуваше низ тешки времиња со само една освоена титула во сезоната 1998/1999.

Јенс Леман

Во Милан од 1998 до 1999 година:

Германскиот голман во Италија не дојде како момче, затоа што претходно имаше 10 сезони во Шалке со кој играше и во Купот на УЕФА. Во Милан не бранеше претерано многу, го чуваше голот само пет натпревари, а во сеќавање ќе му остане понижувањето кое му го направи Габриел Батистута од Фиорентина. Леман замина во Дортмунд, а Милан продолжи со младиот Абијати и Себастијано Роси.

После Милан: Леман брзо заборави на искуството во Милан. За Борусија Дортмунд бранеше во Бундеслигата а стигна и до финалето на Купот на УЕФА. Во сезоната 2003/2004 премина во Арсенал и беше дел од генерацијата Непобедливи која што ја заврши сезоната без ниту еден пораз на крајот. Со тимот од Лондон играше и во финалето на ЛШ, а со одбраните во Премиер се избори и за статусот прв голман на репрезентацијата на Германија (Кан се пензионираше). Јенс ја заврши кариерата во 2011 година на возраст од 41 година.

Роберто Ајала

Во Милан од 1998 до 2000 година:

До Ајала во Милан немаше ниту еден Аргентинец, но и Роберто не се испостави како многу корисен. За две сезони одигра 24 натпревари во Серија А, но затоа совршено го знаеше секое ќоше на клупата за резерви.

После Милан: Замина во Валенсија каде стана командант на одбраната. Во првата сезона со Лилјаците играше во финалето на Лига на шампиони, а по три години и во Купот на УЕФА. Ајала стана и шампион на Шпанија со Валенсија која го разби дуото Реал и Барселона. Во првата половина од 2000-та година никој не верувал дека Ајала ќе стане еден од најдобрите стопери на светот.

Клас-Јан Хунтелар

Во Милан од 2009 до 2010 година:

Хунтелар во Милан дојде од Реал Мадрид. На Сан Сиро потпиша 4-годишен договор, но тогашниот тренер на Росонерите, Леонардо повеќе шанса му даваше на ветеранот Пипо Инзаги, така што Холанѓанецот ја грееше клупата. Постигна вкупно 7 голови пред да замине во Шалке за 10 милиони фунти.

После Милан: Напаѓачот ја игра шестата сезона во Гелзенкирхен каде е омилен играч. Во дресот на Шалке досега постигна 111 голови.

Матео Дармиан

Во Милан од 2006 до 2010: Матео го облече црвено-црниот дрес на 11 години а дебитираше на 16 кога го замени Каха Каладзе на дуелот против Бреша. Со 18 години Дармиан стана лидер и капитен на Примавера, а за првиот тим одигра четири меча таа сезона. Милан го позајми во Падова во Серија Б, а потоа реши да го продаде во Палермо за 800.000 евра.

После Милан:

На Сицилија Дармиан не се снајде најдобро и реши да замине во Торино. Таму стана еден од носителите на играта, мина 4 успешни сезони и стигна до репрезентацијата на Италија. Летово Манчестер Јунајтед за него плати 18 милиони евра, а во исто време во Милан играат некои Абате и Де Шиљо.

Пјер-Емерик Обамејанг

Во Милан од 2008 до 2011 година: Еден од најпознатите на листава. Во составот на Милан не настапи ниту на еден официјален меч. Играше за младите за кои даде 7 голови на 6 меча на Светското клупско за млади кое се играше во Малезија. Милан три пати го позајмуваше во Дижон, Лил и Монако за да на крајот Обамејанг да се скраси во Сент Етјен за 1,8 милиони евра.

После Милан: За две сезони во Сент Етјен постигна 39 голови и Французите не можеа да оддолеат на понудата на Дортмунд кој исплати 13 милиони евра. Во Дортмунд постигна 20 голови на 17 меча сезонава.