Каков е тој „Хари Потер рејунион“ без Џ. К. Роулинг?

Екипата (барем дел од неа) на „Хари Потер“ се собра да прослави 20 години од првиот филм во специјална епизода на ХБО. Зборуваа тројцата најбитни, па Роби Колтрејн, па Хелена Бонам Картер и Гери Олдман, тројца од режисерите и други слични важни имиња. И имаше 2-3 архивски снимки од Роулинг без која еден куп деца сега немаше да имаат кариери, а милиони ширум светот немаше да имаат - Хари Потер.

Тајмс го опиша емитувањето како „шармантна, на моменти сахаринска повторна средба“ на која ѝ фалела „главната состојка“, што е Роулинг.

„Ако не се прејадовте доволно шеќер за празнициве, едно предозирање со оваа Хари Потер рејунион екстраваганца ќе го исправи тоа.

Враќање во Хогвортс е долг, светкав, носталгичен љубовен фестивал, со главните ѕвезди наредени да споделат спомени од работата на филмовите и природно, да си кажат колку се сакаат (има многу од тоа),“ коментира Керол Миџли од Тајмс.

Сепак, иако рецензијата има четири ѕвезди, Миџли вели дека отсуството на нови снимки со Роулинг, направени специјално за епизодата е проблематично.

„Фактот што Роулинг не седи таму во заедничката соба на Грифиндор и не шета по Дијагоналната уличка, со актерите кои тогаш беа деца, па да ѝ признаат колку многу од кариерата ѝ должат, е чуден и клучен пропуст. Како помладите од кралското семејство да си слават во Бакингемската палата и да не ја викнат Кралицата.“

Причината за нејзиното отсуство не е официјално потврдена ни од нејзина страна, ни од Ворнер Брос ни од ХБО.

Ед Њуер од Телеграф исто се жали за нејзиното „изразено отсуство“.

„Нејзината важност е запоставена. Дури и немагичен човек ќе заклучи дека недостатокот на време што ѝ е доделен во овој документарец е нешто што има врска со јавното отфрлање на серијалот поради нејзините гледишта за транс-заедницата.

Она што најмногу фали е искрен поглед во Хари и она што кај него го засакаа толку читатели. И да бидеме искрени, само Џ. К. Роулинг можеше да го даде тој поглед.“

Една поентузијастична критика дојде од Сабрина Бар од Метро, која кажува дека филмот има „откритија што отвораат очи и многу срце.“

„Иако некои од поважните фаци фалат во програмата, фино е да се види како некои од актерите се спојуваат најверојатно прв пат после години.

Гери Олдман и Даниел ги отсликуваат Сириус Блек и Хари со нивната симпатична врска, а да го видиш семејството Визли повторно собрано во Дувлото е задоволство.“

Џон Андерсон од Вол Стрит Журнал не им се предава:

„Она што е погрешно е тонот на упорно себечеститање што трае за време на целото речиси двочасовно шоу, тоа што актерите си го галат егото меѓусебно и плус напумпаното чувство на важност што сите им го даваат на филмовите.

Има лажно-интимни интервјуа со режисерите и актерите; отпоздравување на учесниците што починале од 2001 па наваму и споделување спомени од страна на децата… Кои како сè уште да постојат во меур.“

Кажува и мислење за отсуството на Меги Смит и Џули Волтерс (Минерва Мекгонагал и Моли Визли):

„Тие беа меѓу луѓето што не стигнаа до документарецот. Но, човек не може да ги замисли тие две ценети актерки како го трпат ова ѓубре.“

Нивното отсуство е навистина бучно, па останува да се запрашаме дали е можно да се солидарни со Роулинг.

А зошто - пишувавме тука:

Како Џ. К. Роулинг стана вештерка во најлоша смисла на зборот

Пак им е вештерка Џ. К. Роулинг

Тројцата разгалени милионери против жената што ги создаде

Како мислиш, „Запалете ги книгите на Џ. К. Роулинг“?

Мисли ли некој на силувачите? Не, само на себе мислите

3 јануари 2022 - 12:49