Сето тоа беше лудило. Но беше лудило заради кое патев, кое не беше безопасно, бидејќи влијаеше на моето здравје. Наместо своите мисли да ги насочам кон нешто поодредено, јас се врзав за својата земја бидејќи нејасно чувствував дека таа ми нуди причини за илјада маки, дека, сè додека мислам на неа, на располагање ќе имам бескраен рудник на страдања. При рака ми се најде неисцрпен пекол во кој мојата гордост можеше да очајува на моја штета.
Бесконечно се расправав за судбината на земјата која немаше судбина. Впрочем, не бев само јас кој дрдори и страда. Имаше и други кои имаа во вид некава иднина во која веруваа, иако понекогаш ги обземаше сомнеж во оправданоста на сопствените очекувања. Бевме банда очајници во срцето на Балканот, осудени на неуспех, и тој неуспех ни беше единственото оправдание.
Бевме свесни за фактот дека нашата земја не постои, знаевме дека постои само како стварност на нашиот очај.
Ние, младоста на мојата земја, живеевме од Бесмислата. Тоа беше нашиот леб насушен. На работ на Европа, презрени и занемарени од целиот свет, сакавме да привлечеме внимание. За таа цел едни се служеа со пиштоли, други ширеа најлоши бесмислици, измислуваа будалести теории. Сакавме да испливаме на површината на историјата, сакавме скандали, гледајќи ги како единствено средтсво со чија помош можеме да се одмаздиме за својата мрачна судбина, својата подредена положба во историјата, своето непостоечко минато и својата пониженост во сегашноста. Не се плашевме дека ќе испаднеме смешни. Бидејќи нашето знаење беше недоволно а нешто искуство недоверливо,баш затоа нашето разочарување мораше да биде цврсто, нескршливо. На крајот тоа стана наш закон.... Потонавме на ниво на својата земја.
Кој меѓу дваесетата и триесеттата не даде свој придонес кон фанатизмот, страста и разулавеноста, тој е имбецил. Човека либерал го прави само заморот а демократ умноста. Младите луѓе мора да бидат несреќни.
Никого не мразев. Во мојата земја постоеја два вида граѓани: бедници, од кои се состоеше речиси целата земја и неколкумина шарлатани, паразити, кои ја искористуваа нивната беда. Да се уништат вториве ми се чинеше прелесно, тоа беше остварлива и премногу лесна задача која не беше примерена на моите амбиции. Тоа значеше да се впуштиш во нешто безначајно, да се стопиш во очигледното, да ги задоволиш општите барања.
На помислата дека нешто постоело и можело да постои независно од мојата волја за уништување упаѓав во криза на беснило, тресејќи се минував цели ноќи. Токму тогаш сфатив зошто човековата злоба многукратно ја надмашува животинската. Нашата не преминува веднаш на дело, таа се собира, расте, врие и се претура. Затоа што мора да чека, се потпира на размислување и станува злобна. Таа мрази сè, а кај животните тоа трае само момент и се однесува на непосреден објект; и никогаш не се свртува против себе. Нашата злоба толку нараснува што веќе не знае кого има за уништување па се фиксира на нас самите. Тоа и мене ми се случи, станав центар на својата омраза. Ја мразев својата земја, па сите луѓе на светот, на крај омразата ја свртев кон себе. И му подлегнав на очајот.