Стартува "Преспав" на Телма

Во продукција на ОХО, од 31 октомври 2016 започнува емитувањето на новата македонска играна серија „Преспав“. Серијата ќе се емитува секој ден од понеделник до петок во 20:40 часот на Телма Телевизија.

Во „Преспав“ учествува врвна актерска екипа која ја сочинуваат: Владо Јовановски, Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски,  Васил Зафирчев, Горан Стојановски и Адриан Азири.

Серијата ја прикажува семејната приказна на браќата Бузалевски, кои отвораат пансион во преспанскиот регион, благодарение на средствата добиени од ЕУ фондови. Пансионот „Преспав“ е метафора на реалните општествени случувања во Република Македонија, во кои се прекршува балканскиот менталитет, од кој ликовите не можат да избегаат, и желбата да се почитуваат и да се воспостават европските стандарди. Ваквата ситуација ги става ликовите во постојан конфликт и недоразбирање од кои произлегуваат комични ситуации во кои ќе можат да се препознаат и самите гледачи. Секоја епизода има нова тема, нов проблем, нов конфликт, нова разрешница и многу доживувања и смеа.

ТВ серијата „Преспав“ е во продукција на ОХО, а се реализира со поддршка на Европската Унија.

Продуцент на серијата е Пеце Талески, режијата е на Игор Иванов. Режисери на епизоди се: Игор Иванов, Вардан Тозија, Елеонора Венинова и Даријан Пејовски. Сценаријата се на: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Венко Андоновски и Димитар Банов. Директор на фотографија е Наум Доксевски, а монтажата е Сашко Потер Мицевски, Шенол Мехмед и Сандра Георгиева. Музиката е на Мите Димовски, студио Тралала.

 

27 октомври 2016 - 12:48