„Акушерската работа е навистина најдобрата работа на светот што отсекогаш сум сакала да ја работам. Кога ќе се роди здраво бебе и кога ќе го дадете во рацете на мајката, иако тоа толку многу пати сте го направиле, секогаш сте возбудени од тоа необјасниво позитивно чувство што го преживувате секој пат како да е прв пат“, вели главната сестра на Универзитетската Клиника за Гинекологија и Акушерство во Скопје, Силвана Ѓорѓиевска.
„Убаво е да се работи овде, да се донесе нов живот на овој свет. Тоа е најубавата, најблагодарната професија“, вели Силвана, која сега се грижи за организација, логистика, администрација и координација на тимовите на ГАК. Иако долги години има поминато во родилна сала и на одделот за интензивна нега за предвремено родени бебиња, вели дека акушерската работа е онаа што најмногу ѝ го полни срцето.
На ГАК во моментов има над 90 родени бебиња, нивните мајки, но и некои од татковците што се дојдени да си ги земат сопругите и своите новородени синови и ќерки. А колку деца прошле низ рацете на Силвана, но и на останатите акушерки што во моментот работат на ГАК, никој не може со сигурност да каже. Силвана веќе 22 години со истата љубов и страст ја работи својата работа, истата таа посветеност и детерминираност со која тргна во оваа професија уште далечната 1991 кога во средното образование го одбира отсекот - Акушерство. Има дипломирано на Високата школа за акушерки во Битола, тренинзи и обуки за предвремено родени бебиња, менаџмент во акушерството и 22 години активна, посветена работа на ГАК.
„Да донесете бебе на овој свет е повеќе од само работна обврска, а јас се радував на секое ново бебе, без разлика дали е момче или девојче. Радоста што после породувањето ја делев со мајката на бебето е неописива. Човек се чувствува среќно и благословено“, вели Силвана.
Сестра Силвана, како што ја викаат колешките, но и мајките родилки, од неодамна е и добитник на признанието на Септолете Тотал за грижливост, хуманост и знаење, во напорот за обезбедување на подобро разбирање на потребите на мајките и на бебињата, овозможувајќи им квалитетна нега и грижа.
Признанието и е доделено како благодарност за долгогодишните залагања, професионалното знаење и совест, поставувајќи највисоки стандарди во комуникацијата со мајките, но и со колегите и целиот тим на сестри и болничари со кои работи, останувајќи исправена пред сите предизвици што ги носи работата и опкружувањето.
На ГАК во просек годишно се извршуваат околу 6.000 породувања, над 4.400 оперативни зафати, над 60.000 амбулантски прегледи, а акушерките се оние посебни личности во животот на секоја мајка, тие им помагаат да го донесат на свет она што им е во животот најдрагоцено - нивното дете.
Додека ја напуштавме Универзитетската Клиника за Гинекологија и Акушерство, на свет штотуку дојдоа уште едно момче и едно девојче.
Добредојдовте најмили!
комерцијален текст