Настанот беше официјално отворен со обраќањата на г-ѓа Лиза Поповска, Претседател на Одборот на директори на Американската стопанска комора во Македонија, г-дин Грегори Ферчајлд, професор на Дарден факултетот за бизнис при Универзитетот во Вирџинија, САД, Амбасадорот на САД во Македонија, г-дин Пол Д. Волерс, Претседателот на Република Македонија, г-дин Ѓорге Иванов.
Во првиот дел од конференцијата преку излагањето на професорот Грегори Ферчајлд присутните имаа можност да се запознаат со моделите на соработка помеѓу компаниите и универзитетите во САД кои досега се покажале како успешни.
''Соработката помеѓу бизнис заедницата и универзитетите придонесуваат за унапредување на капацитетите на идната работна сила. Придобивките од развивањето на заеднички програми ќе бидат видливи и корисни за сите инволвирани страни. Ми претставува задоволство што Американската стопанска комора во Македонија ми овозможи да зборувам на една ваква значајна тема. '' – изјави професорот Ферчајлд.
Во вториот дел беа организирани неколку работилници преку кои учесниците ги идентификуваа начините за подобрување на квалитетот и квантитетот на практиканството, можностите за користење на повеќе практични примери од компаниите во текот на студирањето, вклучувањето на претставници од бизнис заедницата како гости предавачи на факултетите како и начините за зголемување на бројот на специјализирани програми подготвени соодветно на барањата на конкретна компанија.
На конференцијата, помеѓу другото, беше заклучено и дека оспособувањето на студентите за практична работа уште во текот на студиите е значаен фактор за зголемување на нивната конкурентност и способност за побрзо наоѓање на работа. Компаниите во современата економија очекуваат дека дипломците веќе имаат познавање од практична работа со што се намалуваат нивните трошоци за нивно дооспособување.
''Од разговорите со нашите членки увидовме дека голем дел од нив соработуваат со универзитетите на одредено ниво. Нашата цел беше организирање на форум за размена на мислења и ставови како и изнаоѓање на можности и модели за унапредување на соработката, со цел дефинирање на идни проекти кои би можеле заеднички да ги реализираат.'' – изјави г-ѓа Мишел Османли, Извршен директор на Американскаа стопанска комора во Македонија.
Американската стопанска комора во Македонија ги застапува интересите на околу 100 најуспешни македонски и интернационални компании. Нашата визија е Република Македонија да биде интегриран и конкурентен член на глобалната економија.
Нашата мисија е да бидеме гласноговорници на меѓународните бизниси во Македонија, промовирајќи ја глобалната конкурентност на нашата економија преку разни активности и настани како и преку имплементирање на најдобрите практики.