Другарски преписки

Заборави, ако можеш

Мислев, т.е. си замислив дека имам насетено порака од памтивек, дека одеднаш некои работи добија смисла. Бев вон себе кога помислував, дури и закоравено верував во сопствените претстави. Романтична ми беше помислата дека една гласовна порака опстоила 6 века.

Повод: Нит макарон е педер, нит сол е лезбејка, копој вепе епебепе!

Ружица Пејовиќ говори право. Детската песна „Сол макарон“ служи само за да кажуваш нешто, било што, додека го плеснуваш оној до тебе. Пееш во неизвесност, да не речам бладаш, чекајќи елиминација.

Бладав и јас. Мислев, т.е. си замислив дека имам насетено порака од памтивек, дека одеднаш некои работи добија смисла. Бев вон себе кога помислував, дури и закоравено верував во сопствените претстави. Романтична ми беше помислата дека една гласовна порака опстоила 6 века. На моменти дури и го наслушував на овие простори веќе одамна изумрениот ладински јазик. Забегав со теми како инквизицијата, реконквистата, сефардската музика...

Ме ежеше сознанието (сепак му благодарам на маестро и чичко Илија Пејовски) дека мелодијата од македонската песна „Ој, девојче, девојче“ на пример, во нашите краеви е дојдена со крстоносните војни во 12 век...

Или дека приказната за „убавицата и ѕверот“ е порака стара околу 4.000 години.

Можно ли е? Можно ли е таквото бладање за суштината, за убавината, за борбата, за маката да останува да ечи со векови и векови. Да вибрира и да те иритира.

Од друга страна, пак, се прашував зошто уката за техниката, на пр. како се прави бетон, како се прави еден Пантеон или како пирамидине сред пустина, може да се изгуби, да се заборави. Дали говорот всушност е првата, главната техника ([archi-], [tékton)), а архитектурата само негова субдисциплина? Дали бесмисленото е носачот на информации?...

Како и да е! Вистина е, признавам. Се преценив кога помислив дека можам да одлучам што ќе се заборави, а што не, што ќе биде без, а што со смисла. Ми беше убаво, признавам, па дури и се насладував со моето „откритие“. Сега знам - ќе заборавам. Заборави и ти ако можеш. Не издржав да преќутам. Бев вообразен. Ружо, прости, извини.

Другарски поздрав,
Милан Мијалковиќ

Милан Мијалковиќ / Фото: Зигмунд Штајнер

 

29 септември 2016 - 09:14