Социјална мрежа е место за социјализирање меѓу луѓе што сакаат да споделат мислење, став, да разменат идеи, информации, да разговараат, да свртат на хумор... Секако, добар извор за маркетинг за оние што знаат да се прилагодат и да го искористат на правилен начин. Социјалната мрежа е пред се место за дружење, не место за кариера или платформа за постигнување на цели од било кој вид. За тие работи постојат асоцијации, друштва, партии и сл.
Социјалната мрежа е една голема кафана кај што никој не ги сака оние што гласно коментираат со тврдокорни ставови за ова или она. Не се говорница, не се место за мерење на IQ, ниту ниво на фраерлук. Убавината на социјалните мрежи е во разновидноста на луѓето. На едно место собрани луѓе од сите нации, вери, возрасти, убедувања...луѓе со кои согласно расположението можеш да си направиш муабет, да размениш мислење, да се нашалиш - ко што би рекол татко ми. И не ме интересира кој сè има на "масата", сите се добредојдени додека целите ни се исти.
Има тука многу млади енерегии што уште плутаат и тресат зелени, ама ќе созреат. Има и луѓе со многугодишни фрустрации што им го реметат созревањето на младите. Има и тврдокорни што не би смениле став па и да ги горат на клада. Има и суетни што секое обраќање го чувствуваат како силување на нивната личност. А има и прекрасни отворени луѓе што комуницираат во име на човечки разговор меѓу две личности.
Она што повеќето го немаат сфатено е дека убавината на социјалните мрежи е што даваат можност да создадеш конекција, па дури и да се зближиш со луѓе само според неговите карактерни и човечки особини, без никаква предрасуда за физичкиот, економскиот и социјалниот момент на другата личност. Да прифатиш некого само поради тоа што е тој, внатре длабоко во него.
Социјалните мрежи според мене се врвот на модерната комуникација. Ама редно време е да се сфати намената и етичките правила на користење на истите. Сите сме гости на социјалните мрежи и треба да се однесуваме како на гости. Почит кон другите, усул во ставовите, примерност во однесувањето. И не се проблем различните ставови, тие се богатство! Проблем е непочитувањето на туѓите ставови. Дискусуја е една, примитивизам е друга работа. Секој има право на сопствено мислење, на свој став, на свое сфаќање на нештата. Секој има право да сподели, никој нема право да наметнува!
Значи да сумираме: кроце, со усул, секогаш добредојдени со хумор, без егоцентризам и суети...исто како во кафана на слава кај близок пријател. Добредојдовте на твитер!
@ibe_palikukja
За сите што ќе мрчат дека не сум толку долго на твитер за ваква студија, јасно ќе кажам дека имав и повеќе од доволно време за да осетам од каде дуваат ветровите...