ПОЦ за рециклирањето: Имаше проблеми, ги решивме

Ги разбираме реакциите на граѓаните и секако ги земаме во предвид сите нивни коментари бидејќи овој проект е создаден токму за нив.

Повод:

„Ја вади кесата од внатре и ја празни во блискиот контејнер (????) и вика:
- Aј сега пробајте.“
Рециклирачки писма на читатели

Почитувани,

Во текот на вчерашниот ден на Вашиот веб портал off.net.mk беше објавено писмо од читател кој изразува незадоволство од начинот на функционирање на повратните вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки.

Ги разбираме реакциите на граѓаните и секако ги земаме во предвид сите нивни коментари бидејќи овој проект е создаден токму за нив. Се надеваме дека ќе одвоите простор и за нашето писмо во кое сакаме подетално да го објасниме начинот на функционирање на овој проект и сите негови поволности. 

ЈП Паркинзи на Општина Центар заедно со Општина Центар во ноември 2020 година го започнаа проектот „И отпадот има вредност!“ кој има за цел да им овозможи на жителите да учествуваат во правилно справување со отпадот преку рециклирање на пластични шишиња и лименки за што добиваат субвенции од Општина Центар на нивната Green Pay платежна картичка. Во рамките на проектот пуштени се во употреба првите повратни вендинг машини за рециклирање поставени на седум локации на територија на Општина Центар, a до крајот на годината ќе бидат поставени вкупно 27 машини.

Повратните вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки се нов систем кој е воведен за прв пат кај нас и како и секој нов проект кој се започнува од нула, на почетокот се соочивме со одредени технички проблеми кои за жал предизвикаа оправдано незадоволство кај жителите кои наидува на потешкотии во процесот на рециклирање. За краток временски период успеавме да ги надминеме сите проблеми кои се појавија додека системот сè уште се тестираше.

Секој жител веќе има можност електронски да аплицира за Green Pay картичка која се изработува од 2-3 работни дена. Бидејќи се работи за платежна картичка со период на важност од две години, уплатата од 360 денари е наменета за изработка и одржување на истата. За да не се чувствуваат граѓаните оштетено, ЈП ПОЦ им овозможи бесплатни 100 часа паркирање за најава на гостински возила во секторот каде што се наоѓа нивното живеалиште. Исто така, со Green Pay картичката, веќе од оваа недела жителите на Општина Центар имаат можност да купуваат со попуст од 5, 7 и 10% во повеќе од 70 локали на територија на општината.

Што се однесува до проблемот со читачот на баркодови на повратните вендинг машини за рециклирање, истиот е веќе надминат, вклучувајќи го и проблемот со производите на Пелистерка. Жителите на Општина Центар сега веќе можат непречено да рециклираат.

За да им ја олесниме на граѓаните целата процедура за рециклирање направивме нова веб страна green.poc.mk каде што ќе имаат можност да се информираат за  начинот на користење на поволностите кои ги нуди зелената мрежа, повратните вендинг машини и Green Pay платежната картичка и да ги пребаруваат локалите кои нудат попуст, валидните амбалажи за рециклирање, локациите на повратните вендинг машини, како и начинот на аплицирање за Green Pay картичката и нејзино користење.

Со почит,
ЈП Паркинзи на Општина Центар

24 март 2021 - 10:39