Писмо на осветлени читатели

Почитувани жители на Трендоленд, ви испраќам неколку фотографии и кратки видеа кои се направени во периодот од 19.03.2015 до 31.03.2015г. Снимките се направени на излезот од Скопје, односно на автопатот Скопје - Велес. Секој ден ја поминуваме таа делница во 7.30 часот и се враќаме околу 17.00 попладне.

Како што може да видите на снимките, уличното осветлување работи ли работи, а мислам дека е излишно да кажам дека во 7.30 наутро сонцето е веќе одамна изгреано а во 17.00 попладне сè уште не е зајдено.

На почетокот мислевме дека ЕВН нешто работи или дека се вршат проверки на осветлувањето (затоа нема снимки од пред 19.03), потоа мислевме дека луѓево не ги усогласиле светилките со новото сметање на времето. Мора да напомнам дека ова второво е извонредно комплициран процес за чија што реализација е потребен еден човек и еден клик на еден компјутер, процес, кој според македонското сметање на времето би траел околу една недела. Арно ама, испадна дека пак сме погрешиле затоа што светилките светеа подолго од една недела.



Значи не станува збор за поправки, ниту за синхронизација на осветлувањето, а светилкиве упорно светат сред бел ден веќе 3 недели! После долго размислување дојдовме до конечен заклучок. Па тоа ЕВН да ти прославувала за Часот на планетата земја! Прекрасно! Тие одлучиле дека сè треба да свети еден месец што е секако многу подобро и покреативно од глупавата интернационална иницијатива да се исклучуваат светлата само еден час. Исклучуваш еден час, ама затоа трошиш цел месец - па ваква генијална работа не би можелe ни Ајнштајн и Тесла заедно да измислат. Браво ЕВН! Сите се гордееме со вас! Вие сте правата слика на нашата Шатковина (ш не е грешка). Кој нема - троши, кој има - штеди.

П.с. Да не има ова некаква врска со чудните сметки за струја?!
П.п.с. Јас сум на одмор од вчера и не знам дали ЕВН сè уште прославува.

Поздрав,
Мишко

3 април 2015 - 08:54