Писма на препаркирани читатели

Здраво Трендо,
Бидејќи кај нас во државава „заштита на потрошувачи“ е мисловна именка и нема каде да се обратиме, ти пишувам на тебе (а доколку го објавиш, да видат и другите) за да си се пожалам во мое име и во име на останатите паркирачи (клиенти) на една катна гаража. Ти пишувам за да покажам дека не сме сите овци, ама нè стриже кој ќе стигне.

Веќе подолго време се паркирам во катната гаража Разловечко Востание, која е стопанисувана од АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката - Скопје. Оваа е таа катна гаража карши Соравиа (доколку некој не знае каде е).

Цената за паркинг откога почнав да се паркирам е месечно 1.000 денари за паркинг место. Пред некој ден од катната гаража извадија соопштение дека цената на паркингот се зголемува на 1770 денари.

Тоа се 77% зголемување на цената. Јас разбирам зголемување од 10-20%, ама 77% ???!!!

Колку што разбрав, цената е зголемена на сите паркинзи со кои стопанисуваат тие. Изгледа дека се зголеми цената на нафтата, па мораа да зголемат и тие за да се во тек.

Но тоа не е се!

Можеби и ова зголемување ќе го голтнев (како што сум приморан сите останати пиздарии на нашиве влади да ги голтам), де не беше секојдневната слика што не затекнува во гаражата.

За да не ти опишувам (зошто нема да ми веруваш), ти испраќам неколку слики од денешната ситуација. Само да напоменам, ниту една од вратите не е сликана два пати. Сите слики се од различна врата, на различен спрат.

А лифтот што е на сликата, тој се наоѓа во подрум, пропаднат, и така си седи повеќе од година дена, со отворена врата.

Тоа е, дојде живот. Штета што не сум од тие 60% сиромашни и сум успеал да си заработам (јас си знам како) и да си купам автомобил, па сум засегнат од вакви глупости како цена на нафта и цена на паркинг простор.

Поздрав,
Цветан

***********

Се надоврза и друг читател:

Здраво Трендо
Да се надоврзам на постот на читателот од гаражата Разловечко востание (Писма на препаркирани читатели). Ја сум долго време корисник на гаражата Кресненско востание (под објектот на МОБ), што исто така ја зголеми цената од претходни 1000 на 1770 денари.

Покрај вообичаените поздрави и честитки кон тие што ја промениле иначе многу популарната досегашна цена, би сакал да посочам на два интересни момента.

Прво ме интересира како дошле баш до таа цена од 1770 ден. Направив кратка анализа на цената во повеќе вообичаени странски валути, ниту една нема цел ниту приближно цел износ при конверзија.

Второ во гаражата има автомат за продолжување на месечниот износ за паркирање со картица. Интересно ќе биде да се посматра колоната на корисници што ќе го користат апаратот кој не враќа кусур :).

Секој месец да си спремиме банкноти од 1000, 500, 200 (или 2Х100), 50 и 20 денари, и со среќа која фати која не фати, башка и новиве пластични банкноти итн. :)

Мојата чудесна земја (се уште) Македонија.

поздрав
Петар

 

31 мај 2018 - 21:54