Почитуван Трендо,
Се надевам дека ќе го објавиш ова, верувајќи во твојата бескомпромисна борба кон се што е труло во нашава држава.
Се работи за населба Јака (кој и го смисли името, мора да знаел што ќе се случува) во општина Илинден. Населбата беше замислена како населба која се почнува од нула, голем простор на кој се испарцелизирале 334 плацови за куќи и неколку за хотел, трговски центар, плоштади и сл. Најавувана беше како планска и модерна населба која ќе ги задоволува потребите на жителите. Имаше електронски лицитации кои започнаа во 2012 година и така сите плацеви станаа нечија сопственост.
Од страна на сопствениците беше побарано навремено да си ги подмируваат обврските кон општината и да ги запазуваат роковите за градба, а во спротивно ќе се наплаќаат казни. И така и треба нели, како во секоја нормална држава.
Е сега, проблемот е што Општината Илинден, намерно или не, гледа на сите можни начини да нè закочи во нашите намери.
1. Првите две улици ги тампонираа дури во октомври 2015 (заглавување до гуша во кал, пропаѓање на камиони, бетоњари и што ти уште не). Сè уште најголемиот дел од улиците не се дури ни истрасирани, а далеко је сунце за тампон и асфалт.
2. Проектот за струја беше донесен дури во 2016, тогаш почнаа и ЕВН да работат (секоја чест, си ја завршија работата професионално), верувам дека да имаа проект и порано ќе си ја завршеа работата.
3. ВОДА. Да се молиш во 21 век, 5 години да те приклучат на водовод е жално, трагично и мизерно. До сега вода им е приклучено на “пријателите“ на општината и среќниците кои имаат плацеви во близина. Приклучокот за вода чини “само“ 560 евра.
4. Канализација - светлосни години далеку. Оправдувањето е: кај се брзате жителите на Илинден 60 години немаа канализација.
Објаснување за неупатените: општина Илинден или поранешно село Белимбегово, не се наоѓа на крајот на светот (како што мислевме кога бевме деца), туку на само 10 км од строгиот центар на градот.
Куќите што ги градиме,се прават од кредити, во исто време се плаќаат и кирии. Моментално има околу 200 објекти во различна фаза на градба, добар дел спремни за вселување. Од тупкање по рамо дека се ќе се среди со инфраструктурата, уште малку без рамења ќе останеме.
Огромен дел од идните жители на населбава сме млади луѓе со мали деца. Туширање со канче како во 19 век и претходно, е интересна, ама воопшто не е практична работа.
Ако го објавиш ова да си жив и здрав, ако не го објавиш ова пак да си жив и здрав!
И те молам ако го објавиш, нека стои оноа “името и презимето познати на редакцијата“, од локални моќници нема раат.
Благодарам!!
Г.