Писма на форвардирани читателки

Живеам во држава каде што постои цела институција која единствена работа ѝ е да прати еден лист хартија до друга институција и да даде лиценца за работа на две млади деца од 20 до 25 години.

Живеам во Општина Центар во нова зграда. Како и секој стамбен објект, и мојот потпиша договор за одржување на објектот со фирма за одржување на стамбени порстори, поточно фирмата Централ Сити Инвестмент груп - Скопје.

Сега после две години работење со нив, ние (како зграда) дознаваме дека горенаведената фирма ни ги нема подмирено сметките (за вода, струја,лифт) повеќе од една година. Кога почнавме да истражуваме малку подобро, увидовме дека фирмата е водена од две млади деца кој ни ги земале парите, не направиле ништо за нашата зграда со нив, туку си ги потрошиле.

Уредно си ги пријавивме во Општина Центар (која, надвор од ова тема, нема сопствена веб страна нити ФБ- страна), поточно кај инспекторот задолжен за таа работа, и во Регулаторна комисија за домување на Македонија, за да добиеме одговор од нив (од Регулаторна комисија) дека тие само можат да постапат по нашето барање со тоа што ќе ми пратат известување на Општина Центар да извршат надзор. Многу културно ја прашав жената (кој ми викаше на телефонот, нели, ѝ го прекинав седењето и пиењето кафе) кажете ми кој е следниот чекор. Затоа што не е можно вие како институција да постоите САМО за да пратите известување до општината. Земате плата која ние како граѓани ви ја плаќаме, имате претседател кои би требало да сака да се запознае со овој случај, вие постоите за да не штитите нас, станарите. И нормално си добив одговор со викање.

Но и двете дојдовме до заклучок дека единствената задача на РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА НА СЕВЕРНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА е да испрати еден лист хартија, еден документ. Цела зграда, неколку канцеларии за еден документ. Јас водам 4 приватни фирми од едно биро, но на комисијата и се потребни неколку канцеларии за да испрати еден лист. Го завршив разговорот со жената со тоа што искрено ја замолив да превземат нешто и да ѝ ја одземат лиценцата за работа на фирмата, поточно ѝ кажав да мрднат со г'зовите од столиците и да си ги заработат платата.

Живеам во држава каде што постои цела институција која единствена работа ѝ е да прати еден лист хартија до друга институција и да даде лиценца за работа на две млади деца од 20 до 25 години (кои сигурно се заштитени од некој, бате, тате, чичо) за да измамат граѓани кои редовно си ги плаќаат сметките.

Верувале или не, сите во мојата зграда редовно си ги плаќале сметките (им ги побарав сите сметки, затоа што ќе ја тужиме фирмата приватно, па ми беа потребни.)

Лилјана

 

29 март 2019 - 14:30