Патни пресметки на читатели

Доколку Собранието би изнајмило наместен двособен стан за пратеникот во центарот на Скопје, и наместо патни трошоци би плаќало за месечна кирија од 500 евра, за 11 месеци би потрошило 5500 евра, и би заштедило скоро 20000 евра

Здраво Трендо,

Според податоците во статијата на веб страницата на весникот Капитал http://kapital.mk/pat-okolu-makedonija-za-eden-milion-evra/ односно http://inbox7.mk/archives/3663 за првите 11 месеци од 2014 година најмногу патни трошоци исплатил пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, гевгеличанецот Драги Цуклев, 25 илјади евра. Имам впечаток дека сумата е малку превисока за патни трошоци од Гевгелија до Скопје, па реков малку да истражувам. Ајде да направиме мала математика и да видиме дали трошоците се реални.

Претпоставки:

  1. Да претпоставиме дека автомобилот е со бензински мотор;
  2. И дека за своето возило се грижи користејќи го најквалитетното гориво;
  3. Се грижи за домашните компании (затоа го земам за пример Ултра 100 Race Рro од Макпетрол);
  4. Ќе претпоставиме дека просечната цена во 2014 била 80 денари за литар (не успеав да најдам податок за просечна цена на нафтени енергенси за 2014 година ни во Регулаторна комисија, ниту на Државен завод за статистика);
  5. Ќе претпоставиме дека просечен резервоар за бензин е со зафатнина 60 литри;
  6. Ќе претпоставиме дека искористил 18 дена годишен одмор за 11 месеци (според колективен договор најмалку 20 дена за една година, но изведуваме 20/12=1,6667 дена на месец)ч

 Факти:

  1. Моментална цена на Ултра 100 Race Рro е 60,50 денари за литар (извор: http://makpetrol.com.mk/index_mk.asp 28.01.2015)
  2. Вкупно патни трошоци = 25.000 евра или во денари 1.537.500 ден. (среден курс на http://www.nbrm.mk 28.01.2015)
  3. Оддалеченост од Скопје до Гевгелија е 160 km (Google maps)
  4. Од 01.01.2014 – 01.12.2014 има 334 дена од кои:

-          96 се викенди

-          239 се понеделник до петок

-          11 се празници во денови од понеделник до петок (земени во предвид само државни празници и празници за граѓаните од православна вероисповест)

-          Одмор 18 дена

  1. Вкупно работни денови = 210

 Пресметка (се однесува само на гориво и не вклучува амортизација на возилото)

Ако ја поделиме сумата на патни трошоци со бројот на работни дена тогаш:

1.537.500 денари трошоци / 210 работни дена = 7321.42 денари на ден

Значи во еден работен ден во просек трошел 7321,42 денари за патни трошоци, или изразено во евра тоа е 120 евра на ден.

Ако земеме дека просечна цена на горенаведениот бензин во 2014 била 80 денари за литар:

1.537.500 денари трошоци / 80 денари за литар = 19.218,75 литри бензин

Значи дека  со својот автомобил потрошил 19.219 литри бензин за 210 работни дена

 Ако земеме дека просечен резервоар за бензин е со зафатнина од 60 литри тогаш:

19.219 литри бензин / 60 литри резервоар = 320,21 резервоари

Значи дека 320 пати го наполнал резервоарот до врв за 210 работни дена

Ако ја поделиме количината на гориво со бројот на работни денови ќе добиеме:

19.219 литри / 210 работни дена = 91,5 литри на работен ден

Значи дека во еден работен ден во просек точел 91,5 литри, односно тоа значи дека за еден работен ден во просек полнел по 1,5 резервоари

Ако земеме дека патувал од Гевгелија до Скопје и назад секој работен ден тогаш:

160 километри во правец * 2 пати = 320 километри

Значи дека во еден работен ден во просек поминувал 320 километри, при тоа точел во просек по 91,5 литри гориво

Да добиеме вкупен број на превозени километри:

210 работни денови * 320 километри = 67.200 километри

Значи дека превозил 67.200 километри за 210 работни дена

 Да ја видиме потрошувачката на возилото:

(19.219 литри бензин / 67.200 километри )* 100 = 28,599 литри на сто километри

Значи дека возилото на за сто изминати километри во просек троши 28,599 литри бензин, или во просек четири пати повеќе во споредба со нормална потрошувачка на класичен автомобил.

Доколку Собранието би изнајмило наместен двособен стан за пратеникот во центарот на Скопје, и наместо патни трошоци би плаќало за месечна кирија од 500 евра, за 11 месеци би потрошило 5500 евра, и би заштедило скоро 20000 евра пари на граѓаните или тие пари би можеле да се искористат за купување гориво за затоплување на училиште или градинка во кое учат нашите деца. Ова пресметка е само за еден пратеник за нецела година ... многу тажно.

Се надевам оваа статија ќе придонесе кон кревање на свеста за рационалност и колективно добро на избраниците на народот.

Поздрав,

Мишко

31 јануари 2015 - 12:47