Почитувани,
Ви пишувам бидејќи во моментов вие сте гласот на граѓаните до Владата, бидејќи гласот на бројни граѓани во моментов е нем, заробен во соби од 10м2 во државен карантин. Ви пишувам токму од соба од 10м2 каде што треба да ги поминам наредните 2 недели. Во соба во која не се отвора прозорец и нема климатизација. Каде што сме третирани како криминалци, немаме дозвола ни врата за провев да отвориме.
Сакам да прашам која е претпоставката на Владата дека ние што доаѓаме од странство сме заразени со вирусот? Еднаква е шансата дека кој било друг во државава е заразен. Зарем тоа значи дека сите граѓани треба да одат во државен карантин?
Која е логиката граѓани што влегле во полупразен авион да се затворат во затвор, таканаречен државен карантин, кога вирусот е веќе присутен во државата? Можеби таа логика беше издржана кога во државата не беше регистриран ниту еден случај на вирусот (што впрочем не значи дека не постоел), но кога сега болниците се преполни и имаме нови случаи секој ден, зарем не значи тоа дека кој било во државата може да е заразен? Зарем тоа не значи дека и полицајците што нѐ зедоа од граница, шоферот, рецепционерките, па и луѓето што ни ја приготвуваат храната се можеби заразени? Дел од нив не носат маски кога доаѓаат кај нас. Кој нас нѐ заштитува од тие луѓе? Каде е логиката луѓе без симптоми да ги затворате во соби од 10м2 затоа што дошле од друга држава? Каде се нашите права? Затворени сме во соба со одземен пасош и никаков потпишан документ за карантин, ниту информации кога треба да излеземе.
Наместо хотелските соби да ги направите соби за лечење на позитивните и давање медицинска помош, вие затворате луѓе без симптоми, кои и да се тестираат и тестот да биде негативен, велите вие, сепак не може да излезат од државниот карантин?! Да, понудено ни беше доколку сакаме да платиме да се тестираме, но и да излеземе негативни, сепак ќе мора да одлежиме 2 недели во карантин.
Па и да имаме симптоми, или да сме позитивни, нели позитивните на ковид се пратени на домашно лекување? Луѓе што биле во контакт со вирусот се пратени во домашна изолација. На сите им е дозволено да одат дома, само не на тие на кои им било најтешко. Само не на граѓаните што се најдоа заглавени во странство во овој тежок период и претрпеа огромен стрес и паника и најмногу од сите сакаат да бидат дома. Само тие луѓе се третирани како криминалци, како животни. Па, ни како животни... барем за уличните кучиња имаше бројни граѓани и организации што се активираа и беа нивниот глас, но никој не беше глас на сите луѓе што поминаа државен карантин, т.е. затвор, оваа мизерија низ која поминаа илјадници луѓе досега.
Која е логиката државата да се спрема да отвора кафулиња и ресторани, а сѐ уште да држи огромен број граѓани во државен карантин? Ме интересира дали Владата при оваа одлука се консултираше со психолози за како тоа влијае на менталното здравје на луѓето. Дали некој воопшто претпостави или замисли како е тоа да се затвори здрав човек што не згрешил ништо во една соба 14 дена (а и 21 во некој случај!).
Мерката е тотално нехумана и се надевам за доброто на сите што во моментов се во карантин (кои впрочем биле месец и пол заглавени во странство!) и за останатите граѓани што немале шанса да се вратат досега дека ќе биде укината во најбрз можен рок. Бидејќи немаме можност да разговараме со надлежните за апсурдноста на целата ситуација во која се наоѓаме, го испраќам ова отворено писмо до вас со надеж дека преку вас ќе стигне до надлежните за конечно да се прекине оваа апсурдна мерка.
* имињата познати на редакцијата