Драг Трендо,
Повод ми е статијата за случката во градинката која што е актуелна деновиве со деца како играат на една песна. Едно од децата на снимката е и моето.
Лично, немам негативни чувства кон родителот што го споделил видеото, но на негово место јас би реагирал кај учителките и би побарал појаснување од нив пред да направам следен чекор.
Кога приказната се појави во медиумите, почетно со сопругата ни беше смешно но до попладнето бурата се надополни со цунами при што останавме вчудоневидени како приказната успеа да се развие до каде што стигна. Добивме повици од роднини, пријатели и комшии бидејќи го препознаа детето и на сите им објаснивме за што станува збор, дека не е иницијатива на учителките и дека немало закана доколку не ја пеат и не играат на песната нема повеќе да им пушта музика.
Мојата вистина за случката е следна - минатиот петок, учителката за да ги раздвижи децата им организирала „журка„ со музика која што самите ја бирала. Во вибер групата креирана за известувања на родителите, учителката ни испрати клипови од песните и играњата на децата. Покрај „Врана коња јавам јас“, или „Симпа па па“(?) и други од кои голем дел биле детски песни, едно од децата ја побарало и песната што се слуша на видеото. И толку!
Мојата почетна реакција после гледањето на видеото во групата беше непријатно изненадување, кое потоа помина во забава и кое го разјаснивме со детето кога се врати дома и го споделивме нашето мислење за различните вкусови околу музиката.
Ви препраќам и дел од комуникацијата испратена во групата минатиот петок која што е во прилог на моето објаснување.
За крај би напомнал дека во меѓувреме на учителките им дадовме целосна поддршка и понудивме да асистираме во расчистувањето на случката доколку има вонредна инспекција како што вчера се најавуваше.
Би Ви бил благодарен доколку сте во можност да го објавите ова како реакција на незагрижен родител.
Ви посакувам да продолжите со убавата (читај - различна од другите интернет страни) работа што ја вршите.
Ваш редовен посетител на страницата,
НЕзагрижен родител