Музика

1000 музичари, Рејџ Агенст Д Машин // Killing In The Name

„Бендот“ прв пат го видовме кога се собра во Чезена за да ги покани Фу Фајтерс на концерт во Италија. Сега веќе целиот проект тера турнеи и прави свои концерт. Ова е нивната верзија на РАТМ.

Бела Чао се враќа дома

Кога ја објавувавме Веитсовата верзија, рековме дека песната „малку ни ја огадија фејкерите кои со неа на своите медени усни го крчеа својот пат кон државното ухлебување“. После цела оваа калакурница, сигурни сме дека ниеден од тие шупци веќе не ја пее Бела чао па можеме на раат да си ја пуштиме нашата омилена верзија, онаа на КУД Идијоти, од албумот чиј наслов пасент одговара на таа калакурница: „Ние сме овде само за пари“. 

Исправање на една историска неправда

И покрај целото наше натежнување накај рок музика, и малку поблаго накај метал, чувствуваме дека до сега не сме одвоиле доволно простор за - деткор метал. Ако сакаме ова да се поправи, а сакаме, зошто тоа не би почнало со Аца Лукас.

Посветено на нашиот омилен Вонземјанин

По повод 50 годишнината од објавувањето на Space Odity (50 години, јеботе!), песната доби свеж микс од неговиот долгогодишен продуцент Тони Висконти и нов видео спот, инспириран од Одисеја 2001-ва.  Путуј, мејџоре Томе, овде сè по старо.

Рамбо: Ода на евроинтеграциите

Не само што тематски сме заинтересирани за оваа нова песна на Рамбо Амадеус туку истата е од албумот „Бродот на будалите“ што нè прави уште поподобна публика за неа.

Пеј ни за Анѓа, калеш Манцо

Манца Измајлова, со рускиот државен филмски симфониски оркестар и хорот на Капела Јурлова, во халата на Московската филхармонија. 

Банда на денот

Не е ни сдсм ни вмро ни сјо ни никој од тој оток кој метастазира по нашите животи. Овие се многу, многу посуштински. Оладете пијачка, направите некое мезе и со блиските играјте сред дневна како улави. Јер на смртна постела никој се нема пожалено што не гледал повеќе вести. 

Најдоброто караоке што некогаш се случило на Америка има талент

По десет и кусур години како тера форматов и сите негови мутации, на раб со невозможно е да ти извадат нешто ново што искрено ќе те воодушеви. Е па, дечково.

Три сестри, три алтани

Во некоја идна реконструкција на денес темелно погазената гордост во врска со македонското (нормална гордост, без напнување), изгледа ќе мора да се тргне од далеку. Самида (Три сестри) е музичка формација на Дамла, Јудум и Тамара Сахин, три сестри чиј татко е познат музичар а чија изведба ѕвони како билбил. Ја пеат „Севдалино, детелино“.

Ицо Хазарта - Гладен

Пазете го овој стих „Как јадете само салати, мајка ви да еба - Илуминати! “ Инаку, Ицо во единица време исфрла повеќе зборови отколку што човечко уво може да прими. Ама, има вежбанка и за тоа. 

А сега, Game of Guitars!

Ауууу, каква епизода е па ова! Треба да се освои носечката композиција на Игра на тронови. Во коалицијата се ко-креаторот на серијата Ден Вајс, Том Морело (Aудиослејв/RATM), Скот Јан (Антракс), Нуњо Бетенкорт (Екстрим), Бред Пеисли (кантри музичар) и авторот на саундтракот Рамин Џавади. Од оружје имаат гитари. Дали ја освоија? Вака Дани со она змејот не го беше спржила градот!

Кантри од иднината

Мрежа компјутери со вештачка интелигенција хранеле со кантри хитови и онда, од сето она што го научила, машината извадила своја песна (отсвирена и отпеана од луѓе). Насловот на вештачко- интелигентниот кантри хит е ‘You Can’t Take My Door’ што е само мал увид во „генијалноста“ на целиот текст.

Се вика Андреа, ставајте букмарк

Чат-пат некоја екипа од градов знае да освежи и да исфрли нешто што е нормално, модерно, пиц-пец во музичка и продукциска смисла. Уште ако се најде нов лик, ете ти радости. Андреа Коевска е од музичката орбита на Масевски и, ќе чуете, може да стане следниот вокален ѕвер на сцената. И плус спотот е цут.

Формулата за успех на корејскиот поп

Кој ќе помислеше дека нешто такво какво што е К-попот може да стане глобален феномен. Еден хибриден жанр со блесави песнички, инфантилни мелодии и ретард стихови, сето тоа дречаво стилизирано и просто - неиздржливо. Ама машинеријата толку го има увежбано секој детал од таа приказна (до тоа која сенка за очи за кој пазар е најдобра), што овој музички злостор веќе е станат франшиза.

Брате Муареме, ко сонце си нè огреал

Ако знаете дека песната за Рамо се вика „Рамо, Рамо“, тогаш ви е разбирливо што оваа песна која Мухарем Сербезовски со полна душа ја пее за Скопје, се вика „Скопје, Скопје“. Пазете го вие тој текст, пазете ја вие таа љубов! На човек да му падне срам што заборавил да сака.

Боемска рапсодија поинаква од другите

Знае да свири клавир како да има 6 години, a се труди да свири како да има 30 години (или која и да е возраста кога луѓе најмногу се трудат).

Making of: Smack My Bitch Up

Како се прави Smаck My Bitch Up од Prodigy, во популарниот музички секвенцер Ableton. Дел по дел, парче по парче, семпл по семпл, комплетна 10 минутна вивисекција.

Кој е бре стар, кој е бре готов?

За оние кои свират на нешто ова е една од попотресните работи кои ќе ја видат. Јер таквите знаат дека кога ќе те фати свиреж, тoa не те напушта дур мрдаш. А веројатно и 40 дена после тоа.

Џезерите кои свират цртани

The Queen's Cartoonists се шарен њујоршки бенд (тапанарот е, на пример, од Бугарија) кои решаваат да свират еден жанр кој е ѓаволски тешко да го изведуваш во живо. Ќе го пуштат Попај и го свират.

Хеј хо! Еве ги Ласт Експедишн!

По кратка пауза од 20 и кусур години, еве ти ги нив со нова песна. Па уште и добра, јака, асфалтна, како некогаш. Го зачувале стариот оган, уиграни како што ги памтиме. Енко ја гони песната во галоп, Сецко не ѝ дава да мрдне ни лево ни десно. Дечки, има да се рокаат газови на ова во живо!

Каква музика сме си нашле

Марко, Ирина, Олена и Нина. Се викаат ДахаБраха (отприлика Натиго/Дајмиго), доаѓаат од Киев и својата музика ја дефинираат како етно-хаос. И тоа каков хаос! Одамна некој вака не нè запрепастил. Урнебесно интересно.

Ритамот е и во она празното

Легендарната Шила (од бандата на Принц) и легендарниот Кoпланд (од Полис) си кажуваат гачки за ритамот, особено фанк ритамот. „Го обликуваш воздухот меѓу ударите,“ вика Копланд. „Важно е да знаеш кога да не удриш“, вика Шила.

Трибјут концерт за Крис Корнел

Во Форум во Инглвуд, ЛА, деновиве се собра жестока екипа за да му оддадат слава и пар почесни акорди на човекот во чиј глас, распослан во четири октави, чудесно се мешаа свила и шмиргла. „I Am The Highway“ се викаше концерот и собравме пар свирки и фотки од него.

Рокбастерс: Вистината за „Smells Like Teen Spirit“

На веќе неколку генерации, ова од Нирвана од прва им асоцира на младешкиот дух, неговото бунтовништво, отпорот кон капиталистичкиот и конзумеристички свет, итн, итн. Ох, иронијо. Во коренот на песната стои парфем за тинејџерки при што Кобејн нема абер за тоа. А откако „Тин Спирит“ станува мега хит, парфемот почнува да се продава како алва. Капитализaм, многу заебана институција.