Да бидеме искрени, не може да се канселира ЏК Роулинг. Премногу е влијателна, премногу заработува и нејзините дела се премногу популарни за тие бесмислени и бескрајни обвинувања за трансфобија да имаат некаков реален удар врз нејзината кариера. Тоа секако не ги спречува непријателите да се обидат да ја замолчат. Едвај да поминува недела деновиве без нов транс-активист да се развреска против Роулинг. А нивните обиди да ја „бојкотираат“ стануваат сè поинфантилни и повознемирувачки.
Минатата недела, уметник од Торонто стана вирален на ТикТок благодарение на неговиот бизнис преку кој продава половни книги Хари Потер. Уникатниот пристап му е што го брише името на Роулинг од секаде каде што е напишано на книгата. Го вади од корицата, го вади од внатре, одново ја укоричува книгата и ја продава онлајн. Еден примерок без трага од Роулинг на него чини 140 фунти, а сите седум се 1000. Можеш и свој примерок да му испратиш на „дероулингизација“, за слична цена.
Според Флом, овој проект е главно за да се фрли светло на трансфобијата на Роулинг која, според него, покренува прашања за „етичноста на конзумирање на нејзините дела“.
Може веќе и се прашувате што ќе се постигне со овој обид за бришење. Никој никогаш нема да заборави кој ги напишал едни од најпродаваните книги на сите времиња, колку и да се дероулингизира. Дури и да ѝ го избришеш името, сепак ќе читаш зборови што таа ги напишала и ќе уживаш во свет што таа го измислила. А таа ќе ужива во парите што ќе ги заработува.
Како и да е, сепак има нешто вознемирувачко во овој перформативен нагон да се прочистат книгите од името на нивната авторка, да се прочистат референци на неа и да се отсече од нејзината сопствена уметничка креација. За некои транс-активисти, едноставно не постои „етички“ начин да се конзумира делото на Роулинг или било што друго поврзано со франшизата. На пример, ќе излегува игра Хогвортс Легаси и веќе има проблем заради самата асоцијација со Роулинг, без разлика што таа не учествува. После плукање на интернет, еден од актерите што позајмуваат глас во играта почувствува потреба да изјави дека транс-жените се жени и транс-мажите се мажи, за да се дистанцира од наводно проблематичните погледи на Роулинг.
Ова што го сведочиме е сериозна Роулингофобија. Авторката на Хари Потер е претворена во некаква морална зараза - некој што треба да се избегне, или да не се признава неговото постоење во јавност. Само затоа што се осмели да застане зад женските права и за реалноста на биолошкиот пол. Транс-активистите може не успеваат да ја избришат и да ја откажат, но тоа не ги прави нивните обиди помалку вознемирувачки.