Џ. К. Роулинг ја бришат од нејзините креации, само затоа што јавно прозборе за права на жените врз основа на пол.
Можеби светот на Хари Потер е толку магичен, што сам се измислил - така и изгледа со оглед на тоа што едвај се спомнува името на Роулинг во новиот филм „Фантастични ѕверки“. На трејлерот, наместо досегашното „Џ. К. Роулинг ве кани“ пишува „Ворнер Брос ве кани“.
Ширум светот, има забавни паркови, декорации, курсеви на универзитети, па дури и храна и пијалоци инспирирани од магичниот свет што го создаде Роулинг; нејзините книги се преведени на 65 јазици, што ја прави еден од најпреведуваните автори во историјата и прва што заработила милијарда.
А сега „суптилно“ ја бришат.
Причината е што на пред точно две години, Роулинг изрази поддршка за правата на жените врз основа на пол и со тоа се огреши пред транс-ортодоксните.
Многу брзо ја соборија од пиедесталот, со тоа што, реално, ништо не ѝ можат. Но дека се трудат да ја нема (а во денешно време тоа значи да си откажан) - се трудат. Дури и Ворнер Брос ги тешеше насобраните дека „без гајле, Роулинг нема да учествува во развојот на Хари Потер-игра.“ Ни глумците што ѝ ја должат кариерата не ја спомнуваат.
Третманот што го добива во медиумите и културните кругови е брука, вели Ракел Росарио Санчез во Спајкд. А зад тоа „Џ. К. Роулинг“ се крие жена со име Џоен, која морала да користи псевдоним за да ја сфатат сериозно во сексистичкиот свет на издаваштвото. Станува еден од најнаградуваните автори во историјата затоа што ги следела своите соништа и ги надминала сиромашните услови и ужасниот брак во кој била заробена.
Сега мора да се бори со овие опасни моменти за женските автори, чии дела низ историјата се омаловажувани и чии достигнувања се отфрлани, за да им ги присвојат мажи. Кири Танкс, ко-основач на феминистичката организација Woman’s Place UK за Телеграф вели:
„Овој обид да се одвои женски автор од сопственото креативно достигнување е запрепастувачки… Но, нема да успее. Роулинг е сега херој на жените во целиот свет и на заплашувањето и злоупотребата им зборува во лице.“
Намерата зад ловењето на Роулинг, на ова симболично горење на вештерката на нашите времиња, не е за да се избрише од историските книги, затоа што во овој стадиум тоа е невозможно. Со нападите, заплашувањето и бришењето на нејзините заслуги, како да сакаат да пратат порака до другите жени - „Ако можеме ова да ѝ го направиме на Џ. К. Роулинг, замислете што можеме да ви направиме на вас.“
„Во серијалот книги, Роулинг опишува три непростливи клетви,“ поентира Росарио Санчез. „Империус, Круцијатус и Авада Кедавра. Ако волшебник ги изусти, ќе биде осуден на доживотен затвор во Азкабан. Изгледа некои луѓе мислат дека Роулинг, со тоа што им се спротиставува на транс-активистите е виновна за изговарање на непростлива клетва од вистинскиот живот. И нема сомнеж дека сакаат и да ја пратат во затвор на далечен остров.“