Не давајте пари на (скапи) глупости

Без разлика дали живеете со мал буџет, или сте кадарни да инвестирате во бренд, постојат работи што едноставно - не вредат за парите.

Биркин и Шанел се инвестиција. Фино е чувството кога си облечен добро и квалитетно. Ама реално, дали Гучи каиш е повреден од квалитетно изработен каиш во занаетчиски дуќан?

Кога плаќаме бренд, го плаќаме пред сѐ името и се што е вложено во него - маркетинг, ПР, годините потребни за да се извиши тој бренд каде што е денес. Во поголемиот број од случаите, купуваме чувство и статус.

Во ред е тоа, само идејата е да се биде внимателен за квалитетот. Скапото може да биде квалитетно, ама тоа не значи дека треба слепо да се купува, по секоја цена.

Важно е да се размисли колку може да извлече после од „инвестицијата“ - колку долго може да се носи и колку ќе изгледа добро што е можно подолго.

„Не ми е вредно да преплатам парчиња што можат да се носат само еднаш,“ вели Одри Којн во нејзино Јутјуб видео на темава. Кај нас, ова се преведува во „облека за свадба“ и се фрлаат големи пари на нешто што реално можеш да го носиш само еднаш, до два пати. Којн предлага да се набави облека што може да се комбинира и да се носи повеќе пати, без разлика што е формална - да си направиш формална капсула, со повеќе парчиња кои во одредена комбинација се супер-свадбарски, а во друга функционираат и за понеобавезни настани. Парчиња чие ниво на дотераност зависи од накит, коса и чевли, на пример.

Малку подалеку од темата гардероба, нешто што сигурно не вреди да се преплати се авионски билети за прва класа.

Реалноста е дека сѐ уште си напикан во истиот авион, прашање е дали ќе ти биде поудобно седиштето и ќе добиеш храна. Парите што се трошат само на авионски седишта се всушност уште едно цело патување. Да, има авиони каде што секое седиште во прва класа е сопствен хотел, ама тие кај нас не летаат.

Последно, но не помалку важно - брендирани, неудобни чевли. Лубутан се озлогласени по ова прашање: Да, точно е дека ти се случуваат чувства кога ќе го видиш црвениот ѓон. Ама ако читнете овде коментари, ќе видите дека и гадни чувства се раѓаат кога ќе ги облечете.

Трошете паметно и по можност, на нешта што создаваат спомени.

9 февруари 2022 - 00:02