Најновата жртва на „освестените“? Сексот и градот.

„Воук“ културата собра уште еден скалп. На „Сексот и градот“. Да, незадоволни со чистката низ факултетите и корпорациите ширум Англосферата, сега култот кон коректната мисла закла една од најдобрите серии во доцните ’90-ти и раните 2000-ти.

 

пишува: Брендан О’Нил

And Just Like That… е едноставно лошо. Многу лошо. Нема Саманта, Кери е во жалост, Шарлот е културолошки присвојувач, Миранда од опасен адвокат се претвори во желе од искризирана средовечна жена што се вљубува во небинарен подкастер со име Че и сите упорно грешат на тема раса, пол и сè што треба. Сериозно, ХБО, после целава Ковид ера, не можеше нешто подобро?

Колку депресивна серија. Биг умира во прва епизода, од срцев удар, после силно возење на Пелотон. Уверен сум дека причината за шокантниот крај на првата епизода е дека Крис Нот го видел сценариото и рекол: „Убијте ме“. Кери чудесно брзо ја надминува неговата смрт - побрзо отколку што ѝ требаше да преболи кога ја остави пред олтар во првиот филм - но секако ја поминува секоја епизода нерасположена и повремено експлодирајќи во солзи. Дали е ова затоа што ѝ умрел сопругот, или затоа што единствената работа ѝ е еднаш неделно да се појави на најнеподносливиот подкаст во христијанскиот свет - и ова треба нешто да ни каже - не е јасно. Подкастот се вика Икс, Ипсилон и Јас, и на чело е спомнатата Че (Сара Рамирез), квир, небинарна, мексиканско-ирска дива, се разбира. Че е еден од најиритантните ликови што сум ги видел во серија. Нафурана, машка, несмешна комичарка. Многу голема работа се прави од заменките на Че, затоа што сме 2022, а ХБО не сака да му направат кансел.

Секој нов лик е практично начин сценаристите да ни се развикаат, гледате?! Не сме расисти! Ја има Сима, тежок пушач со индиско потекло и опасен агент за недвижнини што се здружува со Кери околу уредување. Ја има Лиса Тод Вексли, хипер-успешна црнкиња што ѝ е нова најдобра пријателка на Шарлот. Ентони ја вика „Црна Шарлот“. Епизодата во која што Шарлот му вика на Хари дека мораат да излезат и да бараат црнци за да ги поканат на вечера, за Лиса да не помисли дека се кју клукс клан е навистина бизарна. Се очекува од нас да веруваме дека овие ликови, целоживотни њујорчани, што по 50 години го шетаат Менхетн никогаш не запознале црнци претходно и не знаат како да се однесуваат околу нив. Лудило.

После, ја има Др. Наја Валас, црна професорка по право. Миранда оди на нејзините предавања. Сцените меѓу нив две даваат ново значење на зборот незгодно. „Зошто не?“ прашува професорката. „Па, плетенките!“ ќе каже Миранда, што сигурно е нешто што 55-годишен, сериозен адвокат, поминат низ сито и решето ќе го каже на црн академик во Њујорк Сити, во третата декада на 21 век. Овие апсурдности имаат една и единствена цел - да признаат стари грешки во однос на раса во „Сексот и градот“, серијата на која сега ѝ судат освестените како културен криминал, затоа што се фокусираше на животите на четири бели жени, го имаше зборот „транџа“, имаше стереотипни гејови, дозволуваше Кери да каже дека „бисексуалноста не постои“ и Саманта знаеше да каже ствари како „Сакам малку од тоа“ за еден црнец што ѝ се допадна.

Значи не е ова reboot, туку акт на покајување. Се вклучуваш очекувајќи да видиш продолжение, а добиваш меа кулпа за „Сексот и градот“. Извинете што направивме таква серија, вришти секоја сцена. И сето ова ненамерно истакнува колку освестеноста знае да биде токенистичка и симболична. Секој поважен нов лик е лице во боја, но постои само за да ги коригира ставовите на белите тетки од оригиналната серија. ‘Црната Шарлот’ ја едуцира Шарлот за дружење со црнци. Сима е замена за Саманта за ужалената Кери. Др. Валас е реквизит за расното будење на Миранда. Ре-едукацијата на Кери, Миранда и Шарлот, така требало да се вика срањево. Не е ни чудно што Саманта избега во Лондон.

Постојано нè потсетуваат не само колку се вон денешното време, туку и колку се стари трите жени. Третманот на возраста е ненормален. Комплетно го оглувеа Стив, иако е во средни 50-ти. Педесетикусургодишниот Хари има проблеми со мочање. Како да има 80. „Ух, колената,“ вика Миранда ако пооди малку побрзо три секунди. Кери има и операција на колк! Колку сме далеку од кога Саманта на продавачката во бутик ѝ рече „Имам педесет-и-ебени-две и ќе растурам во фустанов!“ Сега на педесет и две изгледа губиш слух и способноста да одиш со нормални чекори. Ејџизмот на серијата е толку напорен што можам само да заклучам дека е уште еден начин креаторите и сценаристите да се дистанцираат од оригиналната серија. „Видете, многу сме стари, не знаеме што правиме,“ кука серијата, цело време.

Но, да ги оставиме расата и возраста - третманот на половите е најзабележлива компонента. „Сексот и градот“ беше серија за жени, за сингл девојки што се расправаат со лудиот, хаотичен Њујорк Сити и се забавуваат и си прават проблеми по пат. Сега не ни смее да се користат зборовите „жени“ и „девојки“. Сериозен сум. Ќерката на Шарлот, Роуз стана небинарна и сега е тиктокерски иритант што се вика Рок. Што значи дека Шарлот мора да се потсетува да не го користи зборот „девојчиња“ кога им се обраќа на ќерките. Сега вика „деца“. А Кери, најпознатата сингл-жена во модерната култура - веќе не е жена, сега цис-жена. На Икс, Ипсилон и Јас, таа е симболичната цис-жена. Че ја вика „мис Цис“. Во подкастот, Кери ја претставува перспективата на цис-жените, е до овде сме дојдени - освестеното бришење на женскоста за да се галат чувствата на типови што се идентификуваат како жени стигна и до најпознатата серија за жени во модерната ера. Пардон, за цис-жени.

Во еден момент едноставно станува и жално. Хари и Шарлот одат во школото на Роуз каде што наставничката им држи предавање за тоа колку е важно Роуз да ја викаат Рок. Хари е несреќен, затоа што си ја сака ќерка му и верува дека е женско, таков регресивен, стар, мочно-воздржан симбол на ’90-те каков што е. Во таа епизода, нè повикуваат да почувствуваме и малку сожалување за Хари, што значи дека некој од сценаристите веројатно се запрашал дали освестеноста може некогаш да биде и лоша работа. Похрабри сценаристи - старите сценаристи на „Сексот и градот“ можеби - ќе ја истераа работата подалеку и ќе направеа херој од Хари, а будалесто девојче од Роуз. Но, не овие. Рок победува, Хари се повлекува и уште едно девојче станува пост-женско. Јес!

Можеби ХБО ја направи оваа глупост во препреден обид да натера повеќе луѓе да ја гледаат оригиналната серија. Јас секако си изгледав неколку стари епизоди - комично олеснување од депресивниот свет во кој сега живеат Кери, Миранда и Шарлот. Една од најдобрите епизоди е Cock-A-Doodle-Do, кога Саманта се расправаше со трансексуалните проститутки во соседството.

„Плаќам богатство да живеам во маало што е тренди преку ден и транџа преку ноќ,“ вели таа.

Слуша и една неоперираните проститутки како зборува за клиент: „Еднаш ми влезе цел. Му реков, поарно извади ми го тоа од газ, или ќе ти се посерам на него.“ На крајот, се спријателуваат и Саманта прави скара на покривот, каде што на еден од трансексуалците му нуди хот-дог. „Кој сака виршла?“ „Жено, јас пробувам да се отарасам од мојава,“ кажува новото другарче. Политички коректно? Не. Смешно? Abso-fucking-lutely.

Ех, што ми фалат ’90-ти.

12 јануари 2022 - 12:11