Во подкастот на Мишел Висаж, Диаз, која денес има 49, зборуваше за тоа дали некогаш го сменила изгледот за да одговара на идеалите на општеството.
„Апсолутно сум жртва на сите општествени објективизации и експлоатации на кои се подложени жените. Во сите верував едно време. Тешко е да не се погледнеш и да не си судиш во однос на одредени маркери на убавина.“
Диаз инаку се повлече од холивудскиот начин на живот за да ја расте ќерката што ја има со Бенџи Маден. Го основаше брендот за еколошко вино Авалин, а бучавата околу стареењето вели дека ја стишува со поретко гледање во огледало - нешто што не си дозволувала да го прави кога активно работела и понекогаш морала да гледа во него по седум часа дневно.
„Само седиш пред огледало и станува токсично,“ вели таа. „И почнуваш да се анализираш. И после ќе ти текне, зошто сум толку зла со себе? А телото ми е силно. Способно. Зошто да го вреѓам, кога ме донесе до тука? Ми има дадено толку многу искуство. Сешто сум направила затоа што телото ме донело до тука, било силно да ме донесе. Зошто да го малтретирам? Не е дека не сум правела така, но сепак, треба да размисли човек.“
За годините вели, „Ќе полнам 50 годинава. Нели е тоа возбудливо? Едвај чекам. Едвај чекам да наполнам 50. Знам многу повеќе. Многу имам направено.“
Не се плашеше ни кога полнеше 40 (тогаш новинарите ја давеа со „Не ти е страв дека ќе полниш 40?“) а има зборувано и на уште една, многу популарна бјути-тема:
„Пробав ботокс. Малку ми ставија и ми го смени лицето на толку чуден начин, што решив дека не сакам да бидам таква. Попрво би си го гледала лицето како ми старее, отколку да гледам лице што воопшто не ми припаѓа.“