Сè почнало од инат. Кога на Памела Андерсон ѝ пришле за да ѝ понудат фото-сесија за Плејбој во 1989, тогашниот дечко ѝ забранил.
Андерсон секако отишла. Од инат на дечко ѝ, со своите 22 години се качила прв пат на авион до Лос Анџелес и прв пат влегла во хотелска соба што не гледа кон паркинг. Таму позирала за октомврискиот број на Плејбој, гола, освен школски блејзер и вратоврска и стратешки поставен сламен шешир. Во интервјуто ја прашале за нејзините амбиции. Рекла дека сака да биде „прекрасна сопруга и мајка“ и „да добие Оскар“.
Подоцна стана прв модел на Плејбој што ги зголеми градите и инспирираше генерации Плејмејти да го направат истото.
„Кога ги стави имплантите, сите во Плејбој куќата истрчаа на доктор во обид да ја ископираат,“ се сеќава Харпер Рис. „Беше феномен. Не дојде пред Пам, тоа беше поради Пам.“
Во ’91 прв пат добива шанса во телевизиска серија, а веќе следната година влегува каде што сите сме ја виделе: Си Џеј Паркер од Бејвоч.
Во 1994 на новогодишна забава го запознава тапанарот на Мотли Кру, Томи Ли. Шест недели подоцна, ја следи до Мексико каде што има фото-сесија, и после четири луди денови поминати заедно, се венчаат во Канкун. Невестата носи бело бикини, а бурмите ги тетовираат на прст. Мајка ѝ дознава за венчавката од таблоид.
Истите таблоиди први пишуваат за секс-снимката што циркулираше во 1996. Беше прва селебрити секс-снимка, долго пред Парис Хилтон и Ким Кардашијан. Им ја украле од сефот во нивната куќа во Малибу, и тоа лут електричар, што потоа ја продал за најдобрата понуда. Во тој момент, Андерсон е бремена со првото дете и загрижена дека стресот може да му наштети.
Очајна е поради ужасната инвазија на нејзината приватност, но јавноста воопшто не ја жали како актерка што станува популарна затоа што позирала гола. Снимката добива свој живот - станува референца во поп-културата, вади имитатори, а сега е и тема на нова серија, „Пам и Томи“. Обновениот интерес нè тера да се замислиме каков третман доби Андерсон тогаш. Денес да се украде приватна секс-снимка, ќе биде драма околу криминалот, и веројатно ќе има истрага. Во денешно време, Андерсон немаше да ја ругаат за нејзината сексуалност или да ја обвинуваат што воопшто се снимала - ќе беше подржувана како жртва на порно од одмазда.
Во серијата има еден момент, Лили Џејмс како Памела вели „Со секоја помината секунда, снимката се шири.“
Томи Ли, поопуштен ѝ вели, „И јас сум на снимката, исто како тебе.“
„Не, не како мене,“ му одговара таа.
И во право е. Ли го тапшаа по рамо дека е најебач во рокенролот. Со Андерсон бришеа под затоа што имала секс со сопругот и ја нарекуваа лоша мајка. Сега откако одново се пишува приказната, Андерсон станува херој, а на тапет се мажите што ја експлоатирале.
Лесно би било да се раскаже нејзината приказна преку врските; лесно но и глупаво. Како што и самата сака да каже, во нејзе има многу повеќе од цицки и дечковци. Освен што се има појавено на насловна на Плејбој највеќе од сите - 14 броеви - Андерсон се има појавено во култниот „Барб Вајр“ и во мокументарецот „Борат“. Има напишано три бестселери и ги има воспитано синовите Брендон (25) и Дилан (24) да почитуваат жени.
Дизајнерката Вивиен Вествуд ја опишува како „божица на убавината“, сликарот Ед Руша вели дека има „ум на вистински уметник“, а уредничката Џејн Прат ја нарекува „способна бизнис-жена“. И вели, „Навистина работи многу. Мислам дека цело време работи, што и да прави.“
Убавината на Памела Андерсон е во тоа што нејзината сексуалност не го негира нејзиниот ум. Андерсон е долгогодишен активист на ПЕТА и во Франција водеше кампања за прекинување на насилно хранење патки и гуски. Во Русија се сретна со шефот на кабинетот на Путин за да се прекине ловењето и чувањето на орка и белуга китови. А во Британија, позираше во бикини од марула за да промовира веганство. По ова и сака да ја запаметат, не по украдената секс-снимка.
Велат дека инатот е моќен мотиватор. Но, кога тоа ќе се смири, останува простор за нешто повеќе - сатисфакција? Можеби. Задоволство? Се надеваме. Во овој простор и се наоѓа себеси, во нејзиниот дом во Ванкувер и имотот што го има откупено од нејзините баба и дедо. Живее со сопругот Ден Хејхрст, со кој се омажи во 2020, откако се вљубиле за време на локдаун.
„Токму таму каде што треба сум - во рацете на маж што вистински ме сака,“ рече Андерсон по венчавката. Можеби сè уште нема Оскар, но исполнет ѝ е сонот да биде „прекрасна жена и мајка“.
Некогаш, инатот е супер.