Јасно беше уште од почетокот на „И едноставно така“, дека „новото поглавје на „Сексот и градот“ немаше потреба да постои. Оригиналната серија заврши совршено, сите ликови добија крај што им одговара, а новата неминовно мораше да се правда - особено што еден од главните ликови фали и особено после два филма што веќе добија мешани реакции. Она што не се очекуваше беше дека не само што новата серија не им додаде, туку и активно им ја упропасти патеката на некои од ликовите што публиката толку ги сакаше.
„Сексот и градот“ е главно за четирите жени и нивното пријателство, но истовремено и за отфрлање на очекувањата што им ги наметнува општеството, а и тие на себеси, како што наближува средовечноста. До крајот на серијата, сите едноставно имаат сè: среќни врски, работа што ги исполнува и многу време за дружење. Да, беше и одраз на конвенционалните серии во тоа време (романтична комедија со стрејт луѓе), но сепак, последната епизода го понуди идеалниот пријатен крај што сите им го посакуваа на ликовите.
Лесно е да се забележи колку важна улога одигра серијата во телевизиската историја - како најважен детаљ, без преседан беше искрената и валкана дискусија за сексуалноста на жените.
За да се растури речиси совршената приказна што ја имавме досега, требаше да има доволно добра причина - а „И едноставно така“ не ја најде. Двата филма активно го штитеа среќниот крај на оригиналната серија, а reboot-от, само го растура тој статус-кво, притоа само подвлекувајќи ја поентата што првава ја постигна.
Сара Џесика Паркер и Мајкл Патрик Кинг изразија интерес за втора сезона, но тешко е да се замисли што ќе надомести за првата во која ликовите ги доведоа до степен на непрепознатливост. Ким Катрал не се враќа. Крајот на пријателството меѓу Кери и Саманта некако туробно виси над серијата. Има други патишта што ги истражуваат, како фактот што Миранда открива дека е квир на 50 години, Шарлот воспитува тинејџерка во култура што не ја разбира - но во пракса, за жал во обидот да се биде современ, се прави сериозна штета на ликовите.
Со крајот на сезоната, ни покажаа дека Кери е очигледно спремна да продолжи, и тоа е веројатно и raison d’être на новата серија. Но „Сексот и градот“ никогаш не беше само за Кери, и таа како лик не е доволна за да надомести за бесцелноста на секое ќоше од серијата. Остануваат Шарлот и Миранда, но и двете се нелогично упропастени.
Секако е атрактивен избор да се оживее сакана комедија и толку брзо да се расклопат сите нејзини среќни краеви. Но, вредеше ли заради тоа да се растурат Миранда и Стив? Вредеше ли да се убие Биг, ако истражувањето на жалоста на Кери беше толку непостојано? Вредеше ли да се направи сето ова, ако Саманта не е таму? И на крај, дали втора сезона на „И едноставно така“ вреди да се направи? Вредеше ли воопшто и првата сезона?