Посветено на Луран
Гази Баба Блуз
Ми рече, слушни виц
Седат во кафеана Македонец, Албанец и Србин
Потоа замолче гледајќи ме
И? ... запрашав
И толку е вицот
Се сеќаваш?
Шах и ракија
Поезија, цинизам и фантазија
Кога првпат реков „акција“
Ти стоеше од другата страна на камерата
Ми рече
Гази Баба Блуз е филм за мене и за тебе
За оние двајца
За бесцелното возење низ животот
Со рено четворка што речиси се распаѓа
Јас сум нинџа, ми кажа
Ама сакам сиот живот
Да глумам бескрајна сапунска серија
Облечен во бермуди и хавајска кошула
Се сеќаваш?
Ти беше дојденец, јас бев туѓинец...
...така почнавме со снимање
Потоа заедно патувавме низ шоуто на куклите
Јас ги раскажував приказните за љубовта и свршувањето
А ти ме тераше да пишуваме Гази Баба блуз
Се сеќаваш?
Ги кршевме со Сабче правилата на уметноста
Последно те запознав со Лена и Владимир
Ми рече, нинџа, си напишал мајсторска приказна
Сега премиера ќе чекаш со ангелите
Сакавме филм
Сонувавме филм
Пишувавме филм
Снимавме филм
Сега филмот заврши
Остана само блуз.
Алек Русјаков
************
* Македонскиот актер Луран Ахмети почина на 46 години по компликации од коронавирусот.