Македонска маркетинг агенција креираше глобална кампања

Една од најголемите финансиски групации одбра македонска маркетинг агенција! Речиси половина свет ќе гледа македонски креативи на билборди, автобуси, во кино сали, магазини, трговски центри и секако, на радио и телевизија. Русија, Индија, Малезија, Индонезија, Филипините, Виетнам се само дел од земјите каде маркетинг агенцијата „Еден на Еден“ ќе го стави својот знак!

Водител и маркетер

Жарко Димитриоски од „Еден на Еден“ е ТВ лице кое го знае секој во Македонија. Она што малкумина надвор од браншата знаат е дека во исто време работи како креативен директор на маркетинг агенцијата која е вистински хит во македонскиот адвертајзинг, крстена по шоуто – „Еден на Еден“.

Шест години откако е основана, „Еден на Еден“ стана важен играч во дејноста, со бројни клиенти, меѓу кои и дел од најголемите домашни корпорации како „Алкалоид“, а играше и клучна улога во подемот на повеќе помали фирми кои сега се лидери во своите сектори. На пример, веќе трета година го работат комплетниот маркетинг за „Голден арт“, градежната компанија која се проби на врвот во Македонија и веќе има свои проекти во Австрија и Италија.

 

One small step for man…

Сопственото ширење надвор од домашниот пазар агенцијата го почна преку проекти со други регионални агенции. Жаре е веќе редовен панелист или член во жиријата на најголемите адвертајзинг фестивали на Балканот, каде „Еден на Еден“ веќе почна да собира и награди. Но, прашање е колку Жаре и екипата можеа да претпостават дека ги чека најголемиот предизвик досега – глобална кампања наменета за повеќе од 2,5 милијарди луѓе!

Зошто токму македонска агенција доби волку голем проект? Од маркетинг департманот на Digital Finance International даваат краток и концизен одговор:

- Имаме големо искуство во соработка со разни маркетинг агенции од секој дел на светот, а за ова ни требаше навистина квалитетен и сигурен партнер. Одлуката падна токму на „Еден на Еден“ зашто низ низа разни предизвици се покажаа како исклучително зрела компанија, способна да се носи со големи нешта.

А соработката не е нова. „Еден на Еден“ се грижи за Forza брендовите на балканскиот регион и чекор по чекор, добија доверба да ја работат оваа мега кампања која не ја опфаќа само Forza, туку и повеќе други сестрински брендови. За истата се здружија со Fx3x кои ја работеа анимацијата и Eye Cue кои ја напишаа музиката, со што се доби производ од комплетно македонска продукција и креатива за некои од најголемите светски пазари!


Светско, а наше!

Честопати знаеме да кажеме дека не можеме да се носиме со светот и дека немаме доволно ресурси, знаење, а некој се осмелува да каже и талент. Ваквите примери се огромен доказ дека ништо од тоа не е вистина. Секогаш кога има волја, посветеност и визија, добрите резултати се неминовни. Без разлика дали во спортот со приказни како Вардаровата, во анимацијата со приказни како Fx3x или во маркетингот со „Еден на Еден“, Македонија има што да му даде на светот. Треба само да се засукаат ракавите и да се направи овие приказни да станат секојдневие, а не само повремена светла точка во сивилото.

16 ноември 2017 - 10:06