Вишок колумни

• Тато, тато, мама ја згази кола!
• Почни да плачеш, одма доаѓам!
Значи, почна фудбалот. Тоа е она за што се мажи секоја жена, без да знае.

Фудбалот е природна појава со која амандмански се поништува барањето на Адам за женско друштванце. Нешто како „лекс специјалис” во космичкиот поредок на нештата.

Жените се убедени дека нивните партнери, фудбалот го доживуваат како прашање на живот и смрт. Mажите знаат дека фудбалот е многу поважен од тоа.

И затоа тие, во вакви времиња, своите жени ги дефинираат како чудни суштества кои во случај да се запали станот додека трае утакмица, веднаш би помислиле да ги спасуваат децата, без разлика дали баш тогаш треба да се гледа пенал.

На двојките им е јасно дека доаѓа период во кој тие треба да се раздвојат. Носителот на тестостерон фрла сидро во дневна и се зазјапува во телевизорот како жаба во змија што на женките им остава огромен простор конечно да си се посветат самите себеси и на своето духовно ем интелектуално надоградување. Со други зборови, да листаат весници и да читаат совети за лето: до депилацијата и по неа, јагодите и нивното дејство врз стриите, мушмулата и нејзиниот благопријатен ефект врз целулитот, со марулата до рамен стомак за само седум дена ако не и порано, како да се негува кожата наутро, преку ден и навечер, а посебно во паузите, каков костим за капење да одбереш ако имаш голем задник, каков костим за капење да одбереш ако имаш мали гради и слични судбински, речиси кларацеткиновски дилеми.

Но, фудбалот и целулитот се минливи, сезонски феномени во чија сенка за малку па ќе пројдат незабележани извесни стратешки потези на нашата народна власт. Некои од нив ме принудуваат одново да се одушевам до болка. Ги памтите оние податоци за катастрофалниот пад на индустриското производство во Македонија. И сега, бидете поштени и кажете дали Владата го занемари овој проблем? Дали таа се помири со поразителниот факт и лузерски дигна раце од него? Или пак можеби реши да се прави глува и да го бутне под килимче? Не, нормално дека не! Ние имаме Влада која храбро се соочува со проблемите, се фаќа во костец со истите, без разлика колку се тие горливи или зборливи. Имаме проблем? Имаме. Е онда дај да го решиме. И го решија маестрално - го сменија директорот на Заводот за статистика! Какво суптилно решение во чест на Хегел кој на прашањето „што ако фактите не се согласуваат со неговата теорија”, на времето одговараше строго социјалдемократски: „толку полошо по фактите”. Стварно се генијалци. Ај сега да видиме како стои индустриското производство? Нешто не паѓа веќе, нели? Е не, ќе се заебаваме.

Мислам, ќе ѝ текне ли на Владата конечно да ги укине некролозите по весниците пошто мислам дека навистина не е фер на некои луѓе - пази богати! – само затоа што умреле, да им се остава толкав простор да шират лош впечаток за неа! А дека ич не ни е лошо, тоест дека уште малку па слободно ќе можеме да кажеме дека ни тече мед и млеко,  окажаа селаните. Жими тантаров и све најмило, тотално ми е нејасно со кој памет бараат државата да им го откупи млекото. Што ќе му прави побогу државата на млекото? Ќе нареди секој шалтерски работник да пие по барем два литра млеко дневно плус обврска пред да си оди дома обавезно да поткисели за да има утре за таратор?

Замислете јас сега да наштанцам едно 50 нови колумни. Јеби га, тргнало производството, добра паша сум имал, издашен сум станал, ич да не ви чуе како сум постигнал. И онда му ги носам на Никола од Фокус.

• Трендо, извини, дал си ти нормален?

• Ова реторичко прашање значи дека не сакаш да ми ги откупиш?

И додека Никола кима со главата во правец север југ, јас веќе сум пред Влада. Инсистирам Хари да ми ги откупи сите колумни, во спротивно – принтам и му ги истурам пред влез! Ако не наидам на разбирање, на околните новинари им давам изјави изречени со тажен глас на измачен работник од непосредното производство: „Нек ги откупе Владата! Ја уз нив шо да правум? Не стоат, се расипуат, еве читајте, вијте сами. А квалитет иам! Нит латиница додавам, нит слики замешуам... Нек ги откупе Владата! Нек ми обезбеде пласман...” (и само чекам некој надобуден репортер да ми го постави ингениозното прашање „Кој е вашиот следен чекор?” за да почнам да го мавам со кертриџ по глава).

А ако некој ербап ме праша: „А што би правела Владата со твоите 50 факинг колумни?”, ќе му речам: „Е, брат, за тоа и јас пишував едно време”.

И како сега да се справиш со сељаци? Пререгистрирај ги во граѓани! Така ДУИ ја сфаќа општествената морфологија на Скопје, само за да стигне до пустите проценти од рамковниот. Арачиново, добредојде. Вековниот сон на Скопјани се оствари, конечно стануваме два ока у глави со Арачиновци, типовите кои чат-пат ќе запалат некоја куќа само за да демонстрираат висока еколошка свест за потребата од рециклирање, а регуларно киднапираат цајкани ако тие им фатат луѓе кога крадат дрва, што е исто така еден висок степен на урбана култура од стариот Рим па наваму. Башка пред некоја година копаа ровови по селото, како мелиоративен доказ дека одржуваат духовна врска со старите етрурско-сумерски цивилизации.

Арачиново ни влегува. Којзнае како ќе беше ако на времето ние умеевме први да им влеземе?

Проценти, знамиња, химни, на кој јазик се испишани таблите покрај правливите друмови по кои никој нормален не врви... Сејм олд шит. Да завршиме со статистика. Го познавате ли врвниот статистички закон во Македонија? Гласи отприлика вака: Ако шансите се 50 на 50 некоја работа да тргне на добро или на лошо, тогаш можете барем 90 посто да бидете сигурни дека ќе тргне на лошо.

Почнете да плачете, одма доаѓам...

Трендо

18 јуни 2026 - 11:11