Постојат луѓе, постојат нелуѓе

Наш дечко кој живее во Осло понудил помош после трагедијата во Кочани. Му се јавил некој, му се претставил како 20 годишен син на несреќната Сара Пројковска, пејачката и професорка која загина во тој ужас. И дека сестра му е една од повредените и се чека да биде префрлена во Осло. Да не ви раскажуваме ние, прочитајте ја изворно оваа одвратна конструкција. И отварање очи, постои багра која нема усул. 

ВНИМАВАЈТЕ луѓе, постојат нелуѓе! 

За малку ќе наседнев на измама за пари откако понудив помош по трагедијата во Кочани. Добив повик од дечко кој се претстави како Филип Мицевски, 20-годишен син на пејачката Сара Пројковска, која загина во пожарот. 

Тој ми раскажа дека неговата сестра, која била со Сара во клубот, сега лежи во болница во Скопје со тешки изгореници и дека во петок треба да ја префрлат во болница во Осло. Звучеше вознемирено, дури и плачеше – толку убедливо што почнав да го тешам. 

Потоа ми побара пари за маст за изгореници, и тогаш почнав да се сомневам. Ми испрати и слика од пасош, но веднаш забележав по годината на раѓање дека личноста на него е 30-годишен маж, а не 20-годишно момче.

Во меѓувреме, се распрашав по пријатели за да проверам дали приказната е вистинита – и, како што претпоставував, беше целосна измама. 

Затоа, бидете внимателни! Во светот има измамници кои ќе се обидат да ја искористат вашата добрина. Но, јас и понатаму верувам – добри луѓе постојат!

Војислав Дабевски, Осло

18 март 2025 - 21:50