Освен ако не изнајмиш јахта, ова мото е тотално погрешно ако си меѓу други луѓе кои исто така платиле да си поминат убаво. Од одма ќе ги исклучам тинејџерите и луѓето кои одат на одмор да се журкаат. Животот е забава, а одморот одличен период за 24/7 журка. За тоа со кого ќе го поминуваш одморот ти станува јасно уште кога ќе се соберете пред автобус ако одите организирано со агенција.
Во автобус секогаш има еден главен шегаџија, една тетка што ќе се искара со шоферот пошто и дува, една смешка што патува со штикли, некој со истечен или заборавен пасош и еден пар што ќе се џвакаат цел пат. Луѓето што носат патлиџанчиња се оние кои го организираат багажникот на автобусот да не се стави ништо врз нивните торби. Негде пред излез на градот почнува да се шушка со чипсови. Ако се трга многу рано, секогаш има некој со ужас рингтон кој вика додека збори „Пред граница сум да, фала фала, е така малце да се избањаме ...“ Нема везе ако некој спие, платил он да оди на одмор и точка.
Оние што веќе неколку години идат на истото место влагаат у филм водич и ти објаснуваат што е кај е, и каде се јаболките 1,50 а каде 1,30. Одењето на плажа си има свои правила. Значи, на првото одење на плажа во првите пола саат мора да напоменеш дека си малку здебелена последниов месец, за да дадеш на знаење дека освен овој период обично си Кејт Мос. Ако и лани беше малку здебелена тука влагаш со муабетот дека Кејт Мос ти изглеа ко болна и секако го фрлаш неминовното „боље да љуља него да жуља“.
Посесивна жена на плажа се опседнува каде гледа партнерот. Во првите 30 секунди ја има искенирано плажата да види што има, и ако има многу згодни девојки вика „да одиме понатака малку кај што е потивко“. Овде е супер. Меѓу три пара со мали деца, две баби и далеку од музиката. „Нели е најубаво тука љубави?“ Доколку немаш каде па се сместиш до парови со деца, моли се да се воспитани. Има родители кои се свесни дека не се сами на плажа, но има и онакви кои ја гледаат плажата како место каде што детето може фино да се растрча меѓу пешкирите, да игра со кофичката додека има ветер, да пишти по локумадес, а и мајка му да вреска по него од 5 метри далечина. Но, немој да ти текне кога спие детето да извадиш ракетките да играш. Мајката одма ќе се закара од типот оди на друго место или престани... Шансите да престанам се еднакви на шансите да ти е точен купачот од лани срц.
Третиот ден на одмор сите изгледаат ко Инге фром Свиден на Кикладите. Црвени изгорени пошто бојата мора да се нафрли по секоја цена. Најубаво е да се мачкаш после со кисело млеко, само тоа е добро. Ова хемикалииве со заштитен фактор никако, све е тоа фармацевтски бизнис. Исто така во околината ќе се најде некоја хемичарка уона би која ќе ти раскаже рецепт како подобро да поцрнеш. Зимаш маслиново масло, ставаш пиво заради Б витамин, цедиш портокал ради мирис, ставаш малку рендан морков нели бета каротен, добро? И со тоа се мачкаш и ќе добиеш боја ќумур. Остај тоа заштитните фактори све е тоа бизнис... Е после ова обавезно купи си кисело млеко. До твојата соба е секогаш сместена најдомаќинката што готви манџи на одмор. Вари месо, пржи риба, пинџури, пола град мириса на домаќинлук. Твоите алишта најмногу.
Истата сака да се наспие навечер и ако тропаш со вратата сабајле после диско обавезно ќе ти каже дека тропате/викате/зборите на тераса. Она дошла да се одмори... па и јас дојдов да се одморам, а не да купувам боци кислород за да преживеам на тераса за време на твојот ручек. Навечер се шета. Муабетите се исти... „во Скопје е три пати поевтино...“ Ама морето е здраво, затоа се дојдени. Морето е здраво за многу работи. Додека пливаш треба да голтнеш и да вдишеш од водата, и после да го исекнеш носот, и да плукаш до повраќање во плиткото, секогаш со напомена дека одма ти се отворија синусите. Одма. Колку и да е организирана плажата се уринира во вода. Така се воспитуваат и децата. Истите тие деца што кога ќе пораснат ќе бидат оние што влагаат тројца во вода и веќе од плиткото почнуваат да се прскаат и да се дерат, додека се тргне сè во радиус од 4 метра пошто фраероќата влезе во вода.
Хотелите ол инклузив мислам дека калкулираат загуба после навала на Балканци. Во тањирот за оброк има од пиле млеко, се става од све по многу, сум платил ќе ставам. Пола од тоа не се јаде, ама битно се земало. Сум платил за ова! Доколку се оди на оние организирани тури со водич каде се посетуваат по неколку града секогаш има по една жена која ти пере мозок дека сте група и треба сите како група да се движите ко да сте третоодленци на еднодневна. Она секогаш знае точно кој фали и накај каде отишле. Ако закасниш ти се обраќа со „каде сте бе девојчиња до сега, вас ли ќе ве чекаме?“ Истата ќе ја чекаат сите во соседниот град за да купува сувенири за јатрвата и ракавица за рерна со мотив од градот.
Сликите за на социјалните мрежи се знае. За летово албумот се вика самер 2013, ако си излакирана со новиот лак или малку здебелена одиш со креативата стапалце и во позадина море. Никако немој да промашиш да направиш некоја од оние оптички илузии, тоа е никад видено. Инстаграмџии ќе сликаат тањири со морска храна, покреативните ќе сликаат после јадење остатоци од школки и празна флаша вино.
Ако се одлучиш да фатиш авионот по свој аранжман, биди среќен да не избереш дестинација каде си одат нашите гастарбајтери. Секогаш редот кочи пошто он носи праз или пита бурек или ќебапчиња за таму. Пошо носталгија нели. На враќање во автобус, воз или брод се разменуваат телефони со луѓето од група кои никогаш нема да ги побараш во животот. Па ај догодина пак иста екипа да се собереме. Девојчињата што ќе се кикотат раскажувајќи како си поминале ќе бидат опоменати, се додека не заѕвони истиот телефон „Поминавме граница, ееееј супер супер, ко на одмор...“. ФМП
Ина Многуфина