Правило на лева нога

Тој што рекол возењето го одмара не возел низ Скопје. За да возиш во Скопје треба да препишеш на тестови, да земеш возачка и обавезно да си го инсталираш вокабуларот за шофер. Све друго ќе си дојде само. Прво што мораш да преживееш во овој град се пешаците. Доколку се воведат тестови за пешаци пола од нив ќе паднат. Пешак поминува на семафори или на зебра само ако мора.

Сите пешаци во Македонија знаат дека „сегде низ светот да стапнеш на улица колите одма застануваат“. Нашетан народ. Сегде низ светот во село во соседниве земји не е сегде низ светот добро? Никој не застанува на булевари од по шест ленти освен ако не види дека имаш намера да се самоубиваш, а нејќе да те лежи еве не знам.

Колку и да го шириме Скопје, колку и да додаваме ленти по улиците кај Зелено пазарче ќе се поминува низ четири ленти и шоферите има да го сфатат тоа. Иако има пешачки на само 100 метри од двете страни, права мајка ќе ги стрча двете деца низ улица, а старите луѓе ќе поминат полека од тука пошто сегде во светот нели... Поминување улица вон пешачки е најомилено на „манекенка да бидам“ жени кои им овозможуваат на возачите да видат жена како неа па поминуваат споро да имаме време сите да паднеме во несвест од таа фраероќа. Знаеме срц, во секое село така се проаѓа ајде...

Затоа многу ги сакам новите семафори на Партизанска, бидејќи таму од дрвата не се гледаа пешаците па морав да возам со концентрација левел испит неопределени интеграли. Илинденска и Јане Сандански имаат зелен појас па можеш лесно да се извозиш без проблем, ела да те видам извози се во Ѓорче или Кисела Вода. Таму пешаците и возачите се понашаат како да си им дошол дома, а дома се знае кој е газда, добро? Последната лента мора да е зафатена со некој џип, пошто да платиш паркинг е ту мејнстрим. Велосипедите ќе се спуштат на улица, а мајките со колички можат и да летаат. Пајак да имав кариера ќе направев, а и Македонија ќе беше богата земја.

Раскрсницата кај Судска палата е лепота. Таму на пример лентите се цртани по пиринач плетка, возиш право ама твојата продолжува во десно каде што се приспојуваат комбиња од Бит пазар. Кај Бит пазар освен Могли друг никој не може да помине улица. Таму само уште лијани на семафор нема за проаѓање. Ако го преживееш Бит пазар и Чаир ќе дојдеш до кружниот тек во Бутел кој е вистинско ремек дело или барем така го доживуваш откако ќе излезеш од сообраќајната џунгла. Од таму излагаш на обиколница и само што мислиш си завршил работа, излагаш на Качанички пат и тука Господ нека ти е на помош.

Возењето во Скопје си има и свои фраерски моменти. На пример ако видиш дека некој сака да се престрои ти мораш да дадеш гас за да му покажеш дека твоите предци се бореле за оваа лента и таа е твоја. Пред тебе никој не поминува тоа е таа кулоќа. Лив уит ит енд мув он. Ако успееш да се престроиш и застанеш на семафор спреми се. Црвено, жолто и седумнаестата кола позади тебе свири, зошто он до сега да беше на твое место во Охрид ќе беше. Кога ќе почнат да свират на семафори одма свирам и јас, да мислат дека и јас одам по невестата. Ако те видат дека си женско шофер имаат посебна почит кон тебе. Одма ги редат сите животни кои ги потсеќаат на дворот од детството. Живот.

Омилен момент ми е кога за време на најголемата гужва инструкторите решаваат да ги обучаваат учениците со првите часови. Исто и штрајковите со блокирање улици ми се хајлајт, штрајкуваат 10 луѓе и блокираат цел град. За да си одиш од Центар во Карпош ќе мораш да вртиш преку Гостивар, па од кај Тетово по обиколница и си стигнал. Се надевам некогаш некој ќе ми разјасни кој е бенефитот на штрајкувачите да го утепаат денот на сите останати. Ако во тие моменти си во такси, почни да си пополнуваш апликација за кредит. Има и онакви шофери кои си се возат на средина. Само за нив сакам да си вградам сирена што ќе ми свири „Одбери лента аман“.
На семафори се борам со чистачите на стакла за да се разбереме дека не е не, да им објаснам дека нема да добијат пари на „жити швалер“ пошо го неам, е добро, на тие што ми викаат „девојче многу си убава“ им давам ситно. Некои луѓе едноставно имаат вкус.
По улици освен најновите модели на џипови не ретко можеме да ги сретнеме и последните модели на коњ и магаре.

Некои појави во сообраќајот никогаш не ги сфатив. На пример топче од сладолед на куката позади, веројатно за да не го удриме? Или налепница „пази бебе“, демек ако не ни кажеа дека имаат бебе немаше да кочиме позади нив? Еве не знам.

Авторитет во сообраќајот без конкуренција ми се оние возачи кои застануваат, ја тргаат таблата за бариера на патот и продолжуваат. Стварно со кој памет некој на нив им запира лента, на нив ејјј!
Возењето со отворени прозори е најопасно ако возиш позади пушач. Пикавците се фрлаат строго низ прозор, а пикавче со карминче е многу аристократски момент.

Сообраќајот никогаш нема да се доведе во ред ако не почнеме да ги почитуваме правилата. И тоа покажување на сила по семафори во 80 секунди е така малку смешничко добро? А на сите тие коментари за жени возачи вадам мегафонот од ташна и викам: ПРСЛУК НЕ ЗНАЕТЕ ДА ОТКОПЧАТЕ АЛОО БРЕ!!! Пафтам со косата и си одам! ФМП.

Ина Многуфина

12 декември 2016 - 16:16