Секоја чест на оние мајки кои успеваат да го исхендлаат своето работно време, домаќински обврски, воспитување на децата и социјален живот. Тешко е, но познавам такви кои успеале. Ги носат децата кога пиеме кафе, прават нормален муабет со другарките и не се напорни. Сосема се обични. За разлика од категоријата мајки атеншн сикерс.
Овие мајки се следбеници на оние трудници од пред неколку десетици години кога ја мереле љубовта на сопругот преку извољевање во бременост од типот ако е бремена во лето, неа и се пријадува туршија. Па имаш раскажување по комшии „и мојон дозна дека негде во беровско има една баба што има уште три тегли, запали стоеденот и отиде со баџанакот донесе...што да прави му се јаде на бебето“. Тој подвиг се прераскажува до крајот на животот и после отворија супер маркети и им го расипаа доживувањето.
Таман мислевме се спасивме од пренамагања ете ти го ФБ. Оваа категорија мајки го претвара својот профил во јасли во моментот кога моча стапче. Статусот „Две цртки“ ни кажува на нас останатите скриј ја од њус фид одма! За два дена скен од Ултра звук.
И одиме со „да е живо и здраво“ „лелеее срцеее“ „што ма трудна си? Ејјј“. Почнува да труе со шерови за здрава исхрана. На пример зошто е здраво да се јаде свежо манго и да се пие чај од бел цвет на диви орхидеи што растат само во Индија. Проаѓа времето и имаме статус од таткото „Се породивме“. Детето се опишува во грамови и сантиметри. Тука се објавува и името кое во последно време личи како да си го крстил по името на кучето на дедо му.
Од тој момент мајката го презема ПР-от. Како прво сите мора да се сложиме дека детето родено пред 3 дена е преубаво и цело е на неа. Кафе кога се пие ќе дојдат со детето и на секој муабет им „немој Јана мамичка ќе паднеш“, слушаш за свекр „Јана ќе ја бутнеш водата“ што ти зборев? А да, и доаѓа оваа „Јана бе аман мамичка шнолата ќе ти падне“, и ти викам „зелено е мамичка зелено е тоа, кажи и ги на Ина боите, оваа? Ц ц ц ц цррр цррввве црвена, оваа? П п п п плавааа“ сите бои ги знае, (и тука иде обавезната пресмешна шега за сите мајки) не знам на кого е толку паметно детево. Мхм.
Леле не се видовме не можеш бе со детето... Па ок, јави се кога ќе го пратите во Америка на студии. Во тој филм на жени, мајки, кралици, докторки тие почнуваат да го користат ФБ како гугл и да ги сликаат децата во секакви дакфејс пози.
Да беа во Америка ќе се потепаа за круни toodlers and tiaras , нека не лажат дека не им се свиѓа тоа. Дете со напрчена уста, дете во манекенка да бидам поза, дете со ставени наочари за сонце и коментар „мангуп4е на мама“.... Па за коментарите на тетките под сликите еве не знам треба да се воведе некоја казна „дунде на тета“. Секоја мајка од оваа категоријаима креативни и никад видени албуми од типот „фото сесија со новата јакна“, „смешки разно“, „на роденден кај кумашинчето Стефани“...свеќи, торти, дување, поклони, мајки во хеланки, мајки во игротека во обид да се откачени, татковци со пиво во игротека... смешки разно.
И само што мислев дека тоа е врвот... НЕ. Они имаат групи на ФБ кај што се советуваат. Одлични групи кај што можеш во секое време да се обратиш кон некоја да те посоветува на пример „Мамички, ќе дојам за три саати дали ако испушам една цигара никотинот до тогаш ќе излезе од мене?“ „Мами, имам куќа со 5 соби, две купатила (уште нема закачено елаборат за фактичка состојба) дали и вие имате толкави куќи и дали сами ги чистите?“ „Мамиња, свекор ми е главен дома, месеци и уште цицаме...“, возраста се изразува во едница мерка месеци и само добри познавачи на таблица множење со 12 може да разбере „имаме 28 месеци и 3 месеци“... строго се пишува набрзина пошто нели дететоѝ плаче ама она се советува на ФБ за итни работи лвл „како да извадам флека од круша ИТНО Е“... има и многу сериозни постови од типот „детето ми плаче дали е урочено“.
Секако и во тие групи има мајки тролачки па незнаеш што е посмечно дали прашањето или одговорот. „Синко лизна пиперка љута ко свекрва“, сите физиолошки потреби и полови органи се пишуваат како да сме на сред село, пошто нели они се мајки кои утре ќе воспитуваат деца ама од утре ќе смислат терминологија. До тогаш повелете прочитајте. ФБ групите им служат ко гугл тука се бара све. Врв од таму ми е мм скратеницата. Седам со мм на тераса. Маж ми добро?
Мајките на женските деца се најопасни. „Ние се шминкаме“ „леле што ќе правам манекенка ќе ја праиме“ ...Срц да не се лажеме!
Родителите односно мајката и мм се дружат строго со други парови. Сингл другарките се за кафе на пауза, или евентуално викенд преку ден. Паровите без деца исто се благо маргинализирани. А и да одиш, муабетот и да почне за Дон Дрејпер ќе заврши со „јас гледам да му давам кравјо по малку и да видиш со устето...“ Значи како да ти кажам не ми е гајле.
Или ќе реши да дојде без детето „Јана моја вчера леле..“ Значи леле аман. Сфатете дека на нас кои не сме мајки сите деца ни се убави, твоето не е нуклеарен физичар, немаме инстинкт ко тетката „денес ни е роденден убав на тетка“ и стварно не ни е гајле како ви спие детето и колку се поти во сон. Имате форуми, ФБ ми дава можност да ве скријам со 378 слики на ден „нашата прва праска блузичето од Окаиди лом“ ама барем ако одвоите време за кафе не мора да слушаме за градинка, педијатрија, и на кумата кумашинчето...
Исто така кога си ги сликате децата онака пресмешно креативно во тоалет, во зоопарк додека плаче, како паѓа од столица, слободно почнете со време да си барате старачки дом, пошто тоа ќе порасне еден ден и ќе види дека цело детство му е на социјална мрежа пошто мајка му е атеншн сикер левел „не дека е мое ама..“.
Кузнае бабите наши како живееле без ФБ и инстаграм. Ќе знаев кога моите имале црвенило на газето и како плачеле за лижавче. И како баба ми се облакала во иста боја со нив демек откачена. „Мамички, малиов вика пуци, што значи тоа?“ ФМП
Ина Многуфина